Ученици и професори од Белгија во посета на ОУТУ „Ванчо Питошески“

Во рамките на соработката со туристичката агенција „Ohrid Holidays“ во двонеделна посета на ОУТУ „Ванчо Питошески“ беа професори и ученици од Белгија.

На самото пристигнување преку културно-уметничка програма на гостите им беше презентирано училиштето, а потоа градот Охрид и Македонија.

За време на посетата учениците се запознаа како се одвива теоретската и практичната наставата во училиштето, заедно подготвуваа специјалитети од трациционалните кујни и ги послужуваа, при што си разменија непроценливи вештини, знаења и драгоцено искуство преку корелација на образовните профили: келнер, готвач, угостителски техничар, угостителски техничар за рурален туризам и хотелско-туристички техничар.

Охридските ученици, гостите од Белгија ги запознаа со знаменитостите, убавините и туристичките капацитети на градот и околината. Па така со брод беа во посета на манастирскиот комплекс „Св. Наум“, пешачење до Галичица (Коњско, Елшани и Пештани), посета на Вевчани и Струга, а исто така и посета на Курбиново и Преспанското Езеро.

Целта на посетата беше меѓусебно запознавање и размена на искуства и идеи, а гостите имаа можност да се запознаат со условите во кои работи училиштето и со практичните вештини на учениците.