Пациентите најзадоволни од услугите во Крушево, Кичево и Македонски Брод

Во Јавните здравствените установи во Курушево, Кичево, Македонски Брод и општата болница Кичево пациенти се целосно задоволни од достапноста, стручноста и љубезноста на лекарите како и од медицинскиот персонал, покажуваат резултатите од истражувањето за задоволството на пациентите во ЈЗУ спроведено минатиот месец.

Како што информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров овие резултати покажуваат дека пациентите се генерално задоволни од односот на целокупниот кадар во установите како и дека има високо ниво на хоспитална култура.

„Од стручноста на лекарите најмалку се задоволни односно 45 проценти пациентите од здравствениот дом Виница, од стручноста на персоналот најмалку се задоволни пациентите од Берово, од достапноста на лекарите и персоналот најмалку се задоволни пациентите од ЗД Охрид. Од љубезноста на лекарите најмалку се задоволни пациентите од ЗД Струга“, информира Тодоров.

Генерално гледано задоволството и незадоволството, нагласи Тодоров, по секој параметар е ист или сличен и со параметрите кои се однесуваат на докторите и останатиот персонал. Пацентите, рече Тодоров, очекуваат исто ниво на љубезност и достапност како од докторите, така и од останатиот персонал.

Министерот информираше дека пациентиte целосно се задоволни од хигиената во Здравствените домови во Пехчево, Ростуше, Гостивар, Кавадарци, Македонски Брод, Крушево, Кичево, Неготино, Кратово, а најмалку задоволни се испитаните пациенти во ЗД Кочани. Во однос на хигиената во болничките соби во вкупно 10 универзитетски клиники, сите пациенти биле целосно задоволни.

Од бочничката храна целосно задоволни биле пациентите од Клиниката за онкологија и од општите болници Охрид, Струга и Кичево, додека најнезадоволни од храната биле пациентите од Струмица.

Според параметарот услови и комфор во чекална, сите пациенти се целосно задоволни во здравствените домови во Ростуше, Македонски Брод, Кратово, Пехчево, Пробиштип, Кичево, и Клиниката за неврологија. Од друга страна, најмалку задоволни се пациентите во Клиничка болница Штип, Клиника за токсикологија и Здравствен дом Штип.

За квалитетот на болничката нега пружена од докторите и персоналот сите пациенти биле целосно задоволни во вкупно 15 клиники и 5 болници, додека најмногу незадоволни пациенти од квалитетот на болничка нега од лекари има во Клиничката болница Битола и Клиника за токсикологија и најмногу незадоволни пациенти од персоналот има во Општа Болница Кочани и Клиниката за гастроентерохепатологија.

„Генерално, високото ниво на задоволство кај пациентите е одраз на заедничките заложби на менаџментот на јавните здравствени установи и целиот здравствен сектор за постојано унапредување на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа на здравствена заштита, додека кај помалиот број јавни здравствени установи кај кои е релативно повисоко нивото на незадоволство по некои параметри од истражувањето, добиените резултати се показател за областите во кои менаџментот на јавните здравствени установи треба да се фокусира во претстојниот период со цел подобрување на целокупното задоволство на пациентите“, истакна министерот Тодоров.

Во истражувањето биле опфатени вкупно 6.300 испитаници, во рамки на 21 универзитетска клиника, 15 болници во повеќе градови низ државата и 32 здравствени домови.