Работни средби на претседателот на СДСМ Зоран Заев

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од Тихомир Илиевски, претставник на Комисијата за надворешни работи, денеска оствари средба со Роберто Батели и Андреас Нотеле, специјални претставници на Парламентарното Собрание на ОБСЕ.

На состанокот се разговараше за можните исчекори во Брисел, од рамката за преговори којашто беше утврдена меѓу политичките субјекти на средбата со еврокомесарот, Јоханес Хан во Скопје.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев посочи на принципиелните заложби на опозицијата за одделување на партијата од државата, гарантирање на владеењето на правото, на потребата од демократско функционирање на институциите, нотирани како проблеми во извештаите на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, на Европската комисија и на други меѓународни и домашни институции и организации.

„Тоа е единствено можно ако во утврдениот транзициски период, на овие европски стандарди се посвети Влада во којашто нема да учествуваат Груевски и неговите соработници, кои ја создадоа длабоката политичка криза“, рече претседателот Заев.

Претседателот на СДСМ посочи на узурпираната волја на граѓаните и на криминалните изборни циклуси што ги покажаа доказите преку проектот Вистината за Македонија, поради што актуелната власт на Груевски нема повеќе легитимитет да организира и спроведува избори.

„Граѓаните си ги бараат назад слободата и демократијата и ги заслужуваат, како и сите граѓани на Европа, и СДСМ, како одговорна опозиција нема да прави компромиси за овие базични интереси на народот и државата“, посочи претседателот Заев на средбата со претставниците на Парламентарното Собрание на ОБСЕ.

Исто така, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска, попладнево се сретна со делегација од Р. Франција, предводена од Ерик Фурние, директор за Континентална Европа во МНР на Франција, придружувана од француската амбасадорка во Р. Македонија, Лоренс Оер.

Шансите за отворање преговори за решавање на политичката криза во Македонија, на 10 јуни во Брисел, беше главна тема на разговорот.

„Се надевам дека Европската унија го препознава автократскиот систем на владеење во Република Македонија, што се коси со елементарните вредности и дека ќе помогне на принципиелен начин за разврска на политичката криза,“ рече претседателот Заев.

Дипломатот од Франција ги пренесе очекувањата за почитување на демократските процеси и вредности за земјава да може да напредува на патот кон ЕУ.

На средбата стана збор и за заложништвото на правосудството во рацете на политиката што ја кочи Македонија во европската перспектива како и за лошата медиумска клима што не е во согласност со демократските стандарди.