Во сабота пред седиштето на Црвен крст ќе биде поставен контејнер за донирање облека

Во рамките на своето хуманитарно делување Црвен крст на Македонија – Црвен крст Охрид особено внимание посветува на воспоставување и креирање соработка со корпоративниот сектор. Како позитивен пример во таа насока ја истакнуваат плодната соработка, што наназад години ја негувале со Алфа банка.

„Својата висока општествена одговорност оваа компанија, меѓу другото, ја истакнува и преку поддршката и помошта во реализација на хуманитарните активности на Црвениот крст во областа на социјално-хуманитарната дејност. Зад нас стојат бројни заеднички собирни хуманитарни акции со кои се помогнало на социјално загрозените семејства.“– велат од Црвениот крст.

Оттаму најавуваат следна активност со Алфа банка која ќе се реализира во сабота (6-ти јуни) во 11 часот, пред седиштето на Црвен крст Охрид, каде ќе биде поставен контејнер за донирање облека, кој е донација на Алфа банка.

По примерот на европските градови и во Охрид, во било кој период од денот, граѓаните ќе можат да донираат облека, ставајќи ја во контејнерот за облека, која понатака волонтерите на Црвениот крст ќе ја селектираат и доставуваат до оние на кои им е најпотребна.