„Европските денови на развој“ – инкубатор за нови идеи со заедничка цел – свет без сиромаштија

За време на „Европските денови на развој“, што се одржаа на 3 и 4 јуни во седиштето на Европската комисија во Брисел, 2015 година беше обележана како година со агенда за одржлив развој, искоренување на сиромаштијата и климатските промени, под мотото „Наш свет, наше достоинство, наша иднина“.

Учесниците имаа можност да дебатираат, да дадат свои идеи, да изнајдат решенија и да споделат најдобри практики, сè со цел да се помогне околу создавањето одржлив раст, промовирање универзални и фундаментални права, како и искоренување на сиромаштијата и намалување на нееднаквоста.

Предизвикот е да се постави светско партнерство за искоренување на сиромаштијата и одржлив развој во годините по 2015 година. Стремежот е стабилен и мирен свет, едукација на децата, работни места за младите луѓе и пристоен живот на планетата Земја.

Во панел-сесиите беа вклучени и млади луѓе на возраст од 21 до 26 години од целиот свет, кои ги споделија своите искуства и визии за развој и на тој начин активно вклучувајќи се во обликувањето на одлуките кои ќе влијаат на нивната иднина.

Статистиката говори дека е постигнат значителен напредок во последниве години, со оглед на тоа што во 1990 година, 36% од светската популација живеела во сиромаштија, а денес таа бројка изнесува 12%.

Сепак, речиси една милијарда луѓе сè уште живеат со помалку од 1 евро дневно, секој ден на нашата планета едно лице на секои осум оди на спиење со празен стомак, повеќе од една третина од населението во светот нема пристап до основните лекови за приоритетните здравствени потреби, а околу една милијарда луѓе, односно една третина од урбаната популација во светот, живее во сиромашни квартови.

Секоја година, Форумот привлекува околу 5.000 учесници од повеќе од 140 земји, организации од областа на соработка за развој, човекови права и хуманитарна помош. За таа цел, Европската унија ги ангажира политичките лидери, практичарите за развој, приватниот сектор и граѓанското општество во креирањето на политиките на ЕУ за справување со сиромаштијата во светот. „Европските денови на развој“ се еден вид инкубатор за нови идеи со цел свет без сиромаштија.