Поддржани четири проекти на Република Македонија од УНЕСКО

Со реализацијата на проектите од Република Македонија, за кои УНЕСКО издвои вкупно 115 500 американски долари, ќе се придонесе за унапредување на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог, како и за унапредување на културните, едукативните и еколошките вредности во нашата земја …

Со задоволство ве информираме дека во рамките на двогодишната Програма за партиципација за периодот 2014–2015 година на УНЕСКО, оваа реномирана организација на Обединетите нации поддржа четири проекти пријавени од Република Македонија. Станува збор за проектите:

„Развојна рамка за клучни компетенции за ЧР-професионалци како основа за креирање на дуален систем на образовна програма за менаџмент на човечки ресурси“,карванот „Да живееме едни со други, а не едни покрај други“ втор дел,проектот за промоција на природното и културното наследство на Маркови кули ирегионалниот предлог-проект „Женските права низ призмата на аудиовизуелните уметности во земјите од Југоисточна Европа”.

Со реализацијата на проектите од Република Македонија, за кои УНЕСКО издвои вкупно 115 500 американски долари, ќе се придонесе за унапредување на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог, како и за унапредување на културните, едукативните и еколошките вредности во нашата земја.

Република Македонија има традиционално одлична соработка со УНЕСКО што се потврдува со учеството на нашата земја во активностите и иницијативите на оваа организација во областа на културата, образованието, науката, комуникациите, информациите, програмите за млади, граѓанското општество и човековите права, како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво. УНЕСКО е поддржувач на многу проекти и иницијативи од Република Македонија од различни области, како што се: Светската верска конференција, подготовката на менаџмент-планот за локалитетот Маркови кули кој е на привремената листа за светско културно наследство, проектот за опожарениот манастир „Св. Јован Бигорски“, одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ и многу други.

Во програмата за партиципација на УНЕСКО во изминатите години успешно се реализирани повеќе од 40 проекти од Република Македонија. До крајот на годинава ги очекуваме резултатите од Меѓународниот фонд на УНЕСКО за културна разноликост каде што Република Македонија аплицираше со четири проекти.