Акцијата во „Диво насеље“ како и полициските постапки потоа спроведени согласно законските прописи

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, во врска со спроведената полициска акција на 09/10.минатиот месец во кумановската Дива населба, Согласно законските надлежности, изврши целосен увид и проверка по однос на основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на огнено оружје и употребата на средство за прислиба, како и по однос на задржување лица во Полициска станица, вклучувајќи го и случајот на бегство на едно од лицата лишени од слобоа.

Притоа констатирано е дека акцијата е спроведена согласно детално изготвен план и анекси на планот, реализиран преку посебен штаб формиран за командување и координирање на акцијата на терен. Утврдено е дека на 09.05. околу 04,30 часот тимови од Одделот за посебни единици, заминале на терен со задача да влезат и да ги обезбедат претходно лоцираните објекти. Околу 05.10 часот, при приоѓање на објектите во нас.“Диво насеље“ во Куманово имало непосреден напад-дејствување кон полициските службеници со огнено оружје од различен калибар и минско-експлозивни средства од повеќе правци со што бил загрозен животот на полициските службеници.

Бидејќи биле исполнети сите услови за употреба на средства за присилба согласно законската регулатива, а со цел одбивање на директен и непосреден напад со огнено оружје и минско-експлозивни средства врз полициските службеници, како и заради извлекување на ранети и загинати полициски службеници, по наредба на штабот било употребено огнено оружје, како и посебни видови на оружја, експлозивни средства и оклопни возила со кои располагаат единиците согласно формацијата.

По извршеното прегрупирање и прифаќање на тимовите од полициски службеници кои дополнително пристигнале од другите две локации и од полициската база, започнало совладување на просторот и објектите во кои била стационирана криминално-терористичката група која за цело време во континуитет дејствувала кон полициските сили. Од страна на припадниците на специјалните единици етапно, систематски биле совладувани позициите на криминално-тероростичката група се до нивно конечно неутрализирање на 10.05.2015 година.

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарци врз основа на извршените проверки и разгледување на целокупната службена документација изготвена од полициските службеница и утврдената фактичка состојба констатира дека при преземените дејствија во акцијата употребата на средства за присилба-огнено оружје од страна на полициските службеници е основана, оправдана и правилна и е во согласност со одредбите од Законот за полиција. Притоа земени се во предвид следните факти: постапувањето на полициските службеници од посебните единици била нужна и неопходна употребата на средствата за присилба-огнено оружје, како единствена законска мерка кон криминално-терористичката група, кога сите други законски основи биле исцрпени, со цел да се одбие директниот напад врз нив од огнострелно оружје употребено од криминално-терористичката групација, а согласно член 89 од Законот за Полиција. Исто така при употребата на огненото оружје кон криминално-терористичката групација, од страна на полициските службеници селективно е делувано кон истата, со цел да се постигнат минимални жртви, а максимална цел т.е. одбивање на нападот од себе и неутрализирање на групацијата.

По однос на увидот во постапките за задржени лица во три полициски станици при СВР Скопје, констатирано е дека целокупната постапка на лишување од слобода и задржување на лицата (а поради постоење основано сомнение за сторен кривично дело по член 313 од КЗ на РМ) е спроведена согласно законските норми. Односно согласно Законот за кривична постапка и согласно Законот за полиција. Лицата кои биле лишени од слобода и задржани во полициска станица веднаш биле известени за причините за лишување од слобода, како и за делото за кое се товарат, за правото на молчење, правото на информирање на семејството или друго лице, правото на бранител и правото на лекарски преглед. Исто така од страна на полициските службеници запазен е и законскиот рок на времетраењето на задржување на лицата и ниту едно од лицата нема наведено никаква забелешка во однос на постапувањето на полициските службеници за време на задржувањето во полициска станица.

Од страна на СВКПС извршена е проверка и на околностите на бегство на еден од приведените припадници на криминално-терористичката група при што констатирано е дека полициските службеници кои биле задолжени за чување и обезбедување на лицето лишено од слобода за кривично дело “тероризам“ во конкретниот случај постапиле непрофесионално и спротивно на полициската процедура во вакви случаи, оставајќи го лицето без неопходен надзор поради што истото ја искористило оваа состојба и избегало од лице место. Според тоа полициските службеници сториле потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидени во чл. 208 став 3 и 10 од Колективниот договор на МВР на РМ за што e поднесен предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност до надлежната Дисциплинска комисија.