Словачка 2:1 Македонија

Словачка успеа да ја победи Македонија со 2:1 во шестиот натпревар во рамките од квалификациите за Европското првенство 2016 кое ќе се игра во Франција.

Уште на самиот почеток од натпреварот Словачка тргна фуриозно. По само минута и пол игра една нафрлена длабочинска топка помина низ нашата одбрана, но за среќа на нашата решрезентација немаше играч на Словачка за да го отвори резултатот. Но, и по тоа предупредување, нашите фудбалери не ја сфатија сериозноста на противникот. Во 8 минута повторно Словачка создаде шанса и со голот на Салата дојде во водство од 1:0. Иако го отворија резултатот, домашните фудбалери не застанаа тука, туку продолжија да создаваат шанси и да притискаат кон нашиот шеснаесетник. Во 38 минута Хамшик го искористи невниманието на нашата одбрана и успеа да го зголеми резултатот на 2:0, резултат со кој се замина на полувреме.

Почетокот од второто полувреме делуваше сосема идентично како и првото полувреме. Селекторот Друловиќ го повлече првиот потег, во 56 минута во игра влезе Мирко Ивановски на местото од Александар Трајковски. Кон средината од второто полувреме следуваа две грешки на одбраната на Словачка. По втората грешка нашите фудбалери успеаа да извлечат корнер, а по неговото изведување во 69 минута Аријан Адеми успеа да го намали резултатот на 2:1. Следуваа измени кај Словачка, но и кај нашата репрезентација. Иако постоеше реална шанса за да се направи нешто повеќе во финишот од натпреварот, тие шанси пропаднаа во вода откако во 84 минута Македонија остана со играч помалку, исклучен беше Ферхан Хасани откако го заработи вториот жолт картон на овој натпревар.

Во групата Ц, по шест одиграни натпревари води Словачка со 18 бодови пред Шпанија со 15, а потоа следуваат Украина со 12, Белорусија со 4, Македонија со 3 и Луксембург со 1 бод.

Следниот натпревар Македонија ќе го игра во гости против Луксембург на 5 септември 2015.

WebOhrid