Груевски на Самит на Европската народна партија во Брисел

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Брисел ќе учествува на редовниот Самит на Европската народна партија (ЕПП), на кој учествуваат шефовите на партии и политички лидери од европската десница, меѓу кои и првите луѓе на Европската комисија и на Европскиот совет, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск.

Домаќин на настанот е претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, а на истиот ќе присуствуваат и претседателот на групата на Европската народна партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, генералниот секретар на ЕНП, Антонио Лопез Истуриц, како и шефови на повеќе влади во Европа и политички лидери.

Меѓу присутните на денешниот Самит на најголемата политичка партија во Европа се очекува да бидат и германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот премиер Мариано Рахој, премиерот на Ирска, Енда Кени, премиерот на Португалија, Педро Пасос Коељо, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, како и Никола Саркози од Франција, Јанес Јанша од Словенија и други.

Самитот на ЕПП се одржува во очи на Самитот на Европскиот совет кој исто така започнува попладнево во Брисел. Инаку, Европската народна партија е најголемата политичка партија на ниво на Европа, со најбројна парламентарна група во Европскиот парламент и Самитот на ЕПП е можност за запознавање на политичките лидери со актуелните случувања, напорите кои се вложуваат на полето на интеграциските процеси и поддршка во остварување на стратешките цели.