Црвен крст Охрид домаќин на Меѓународниот летен камп „Силна алка“

Црвен крст Охрид е домаќин на Меѓународен летен камп „СИЛНА АЛКА“ кој од 25-ти до 29-ти јуни се одржува во Едукативниот тренинг центар на Црвен крст Охрид во с. Велестово, а на кој учествуваат претставници на организации на Црвен крст од Суботица, Крагуевац, Ужице (Србија), Требиње (Босна) и Бар (Црна Гора).

Преку презентација на својата најуспешна програмска активност и искуствата од нејзина имплементација во својата средина, секоја организација на Црвен крст ќе има можност да добие конкретни информации и знаења за конкретната програма со цел истата да ја имплементира во својата средина.

На денешниот прв ден од кампот, голем интерес предизвика презентацијата на програмата за безбедност на вода на Црвен крст Охрид и начинот на имплементација и организација на службата за спасување на вода. Учесниците на кампот на една од плажите на охридското крајбрежје и практично можеа да видат како изгледа организацијата на еден спасителен пункт и некои техники на спасување изведени од спасителите на вода на Црвен крст Охрид.

Попладнево следува презентацијата на програмата за прва помош на Црвен крст Суботица, а утрешниот ден ќе биде резервиран за организациите на Црвен крст Крагуевац и Црвен крст Бар кои ќе ги презентираат своите искуства и начинот на имплементација на програмата за грижа за стари лица во своите средини.

На третиот ден од кампот претставниците на Црвен крст Требиње ќе ја претстават својата програма за дисеминација и ширење на знаењата на Црвениот крст и Меѓународното хуманитарно право, а претставниците на Црвен крст Ужице ќе ги споделат своите знаења и искуства од имплементацијата на програмата за промоција на хумани вредности во основните училишта.

Очекувањата од летниот камп „СИЛНА АЛКА“ се во насока на надградба на постоечките капацитети на организациите на Црвениот крст од регионот, користејќи ги и разменувајќи ги знаењата и искуствата, воведување на нови програми и подобрување на квалитетот и имплементација на постоечките.