Јолевски – Фаркаш: Билатералните односи во одбраната на високо ниво

Република Македонија е подготвена да го заземе своето заслужено место како полноправен член на НАТО, истакнал министерот за одбрана Зоран Јолевски на денешната средба во Министерството со заменик – помошникот секретар за одбрана на САД Евелин Фаркаш.

Стратешки цели на Македонија, нагласил Јолевски, остануваат членство во Алијансата и во Европската Унија, соопшти денеска Министерството за одбрана.

„Реформските процеси се движат со високо темпо, а со тоа ние влијаеме и врз развојот на капацитетите на Армијата на Република Македонија“, рекол министерот Јолевски. Пример за тоа, додал, се планираната модернизација на АРМ и натамошно зајакнување на обученоста на припадниците на АРМ и тоа преку процесот на прием на професионални војници, со цел – прием на најквалификуваните кадри во редовите на Армијата. Како начин на развој на одбраната министерот Јолевски, стои во соопштението, ја споменал и Воената академија на која во текот на оваа школска година ќе започне да се предаваат предмети на англиски јазик во трета и четврта година, со што ќе се влијае на можноста за размена на студенти со земјите-партнери.

Заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД, Фаркаш, истакнала дека САД ја поддржуваат Македонија во процесот на добивање полноправно членство во Алијансата, а се и исклучително благодарни за учеството на припадниците на Армијата во меѓународните мисии за поддршка на мирот.

„Македонските мировници се едни од највизибилните во Авганистан. Кога ќе помислам на мисијата, тие се првите кои ми доаѓаат на ум. Станува збор за вистински професионалци со високо развиени квалитети и капацитети“, додал Фаркаш.

Министерот Јолевски и заменик-помошникот Фаркаш, се вели во соопштението, се согласиле дека билатералните одбранбени односи помеѓу двете земји се исклучително високи, а во иднина треба да се задржи истото темпо и воедно да се изнајдат нови иновативни можности и начини за нејзин дополнителен развој.