Доделени признанијата за „Најбезбедно и најчисто училиште“

Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми заедно со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ, г-ѓа Маријане Берец, ги доделија признанија на училиштата победници на Јавниот повик за избор на најбезбедни и најчисти училишта во учебната 2014/2015 година. Адеми рече дека МОН и ОБСЕ, втора година по ред го реализират натпреварот за „Најбезбедно и најчисто училиште“.

„Основната цел на училиштата е организација на воспитно образовната дејност. Најважната задача на наставниците е да ги образуваат учениците, да ги научат сами да донесуваат заклучоци, да ги развиваат своите вештини, да ги воспитуваат. За да можат непречено да се реализираат сите активности поврзани со воспитно- образовниот процес, училиштата мора да бидат безбедни и хигиената во нив мора да биде на највисоко ниво. Наша задача е да се грижиме за безбедноста на секое училиште, но исто така, заедно работиме и на подигнување на свеста на учениците кога станува збор за одржување на хигиената во нивните училници, во училишните дворови и училишните спортски сали“, рече Адеми.

За „Најбезбедно и најчисто училиште“ годинава конкурирале 18 основни и 6 средни училишта. Од основните, првото место му припадна на ОУ „Владо Кантарџиев“ од општина Гевгелија, второто место го заслужи ОУ „Климент Охридски“ од с.Драчево, општина Кисела Вода, а на трето место се најде ООУ „Климент Охридски“ од Македонски Брод. За најбезбедни и најчисти средни училишта се избрани СУГС „Владо Тасевски“ од Скопје кое го освои првото место, додека второто место му припадна на СУГС „Никола Карев“ исто така од Скопје.