Отворена првата „Библиотека на плажа“ во Дојран

Денес и официјално се отвори првата „Библиотека на плажа“. Пред присутните новинари и посетителите, градоначалникот на Општина Дојран,  Борче Стамов го поздрави овој проект и соопшти дека од денес сите љубители на пишаниот збор ќе може бесплатно и книжевно да уживаат на Градската плажа во Дојран.

„Чест ми е што денес на Градската плажа во Дојран се отвора Првата Библиотека на плажа. Покрај многуте културни случувања ова лето во Дојран, покрај инвестирањето во плажите и подобрувањето на сместувачките капацитети, ова е само чекор до целта, а тоа е во Дојран секој да ужива и одмора онака како што сака. На ваков начин Општина Дојран допринесува за развојот на културата, зголемување на процентот на читатели и дава една поинаква димензија на одмор и уживање на плажа.”– изјави градоначалникот на Општина Дојран, Борче Стамов.

Многу интересни и познати наслови, хитови за ова лето ќе бидат на полиците на библиотеката. Најчитаната книга за ова лето, „Сеќавање на љубовта“, македонската најпродавана млада авторка Верче Карафилоска и „Бездомникот со златен часовник”, како и мегапопуларните „Рингишпил”, „Шепнувачот”, „Кругот на животот”, „Полноќна роза”, се само дел од насловите кои ќе можат да се читаат на Градската плажа во Дојран.

По овој проект, Општина Дојран ќе продолжи со плановите и идеите, а тоа е изнајмување на велосипеди, ново брендирање на Општина Дојран и ново туристичко лого, пешачка патека што ги спојува двата Дојрана и богата културно уметничка програма. Сите овие точки се проекти кои во овој период ќе се реализираат.