Охрид домаќин на Меѓународна Лидерска академија за млади жени

Во Охрид ќе се одржи втората меѓународна Лидерска академија за млади жени организирана од страна на Сороптимист Македонија.

Иницијативата за формирање Сороптимист клуб во Струга, започна во 2010 година после Студиската посета на Катерина Василеска во САД. Василевска таму имаше средба со претставничките на Сороптимист од Њујорк кои ја поврзаа со Европската Сороптимист Федерација. Со голема поддршка од Тони Филедкок од Холандија, клубот се формираше во октомври 2012 година. Меѓу 2010 и 2012 година, група жени од Струга помогнаа за поставувањето на темелите на клубот преку организирање разни активности за доброто на заедницата.

Целта на Клуб Сороптимист Струга е да ги зајакне капацитетите на жените во Македонија преку обуки, заеднички активности и размена на искуства со земји од Европа и светот.

Оттаму произлезе и идејата за Лидерска академија за млади жени чија цел е да им се помогне на младите жени од различни земји да се стекнат со знаења и вештини да станат идни лидери во повеќе професионални области. Проектот за лидерска академија е заеднички проект со Сороптимист Унија на Република Турција чии членови се едни од главните промотери на академијата. Академијата исто така добива силна подршка од останатите членки на Сороптимист на светско ниво како и од организации и институции во Република Македонија.

Академијата ќе се одржи од 20. до 30. јули во Конгресен центар во Охрид со повеќе од 20 учеснички и 12 предавачи од државата и странство. Свеченото отворање ќе се одржи на 20 јули во Вила Св. Софија, Охрид со почеток во 20:00 часот на кое ќе присуствуваат сите учеснички, предавачи и претставници на амбасади и институции во Р. Македонија.