Дел од творечкиот опус на композиторот Властимир Николовски вечерва на Охридско лето

На сцената во црквата „Св.Софија“, вечерва со почеток во 21 часот, во рамките на фестивалот „Охридско лето“  ќе биде изведен дел од творечкиот опус на композиторот Властимир Николовски.

Властимир Николовски (1925 – 2001) е еден од најзначајните и најплодните македонски композитори. Неговото богато и разновидно творештво извршило огромно влијание врз развојот на македонската музичка култура и уметност. Создал над 140 музички композиции од речиси сите видови и жанри на класичната музика, но и голем број публицистички трудови. Творечкиот јазик на Николовски е умерен, експресивен, со потпирање врз духовното и врз фолклорното поднебје на Македонија. Тој ги одбегнува најрадикалните постапки на музичката авангарда на дваесеттиот век, бидејќи, според него, тие се „израз на творечка немоќ и креативна стерилност“. Покрај композиторската, значајна е и педагошката дејност на Николовски. Веднаш по завршувањето на своите студии во Белград, тој започнува да работи како професор во Средното музичко училиште во Скопје, а подоцна предава и на Педагошкиот факултет и Факултетот за музичка уметност – тогаш Висока музичка школа во Скопје. Бил музички уредник во Радио Скопје, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија и претседател на Сојузот на композиторите на Југославија. Во 1981 година бил примен за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Делата на Николовски се изведувале и сè уште се изведуваат во голем број земји низ светот, а неговите текстови, статии и реферати биле објавени во некои од најзначајните музички списанија.