Концерт на пијанистот Иво Погорелиќ вечерва на Охридско лето

Еден од најголемите и најконтроверзните пијанисти на своето време, Иво Погорелиќ вечерва ќе одржи концерт во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Овој пијанист во текот на осумдесеттите години од минатиот век ја фасцинира светската јавност со своите интерпретации на Шопеновата музика, но и на онаа од другите светски композитори. 

Македонската публика повеќе пати имаше можност да го слушне извонредниот хрватски пијанист Иво Погорелиќ, и со нетрпение го очекува неговиот концерт на „Охридско лето“. Роден е во Белград, каде што на 7-годишна возраст започнува да го изучува пијаното. На 12 години заминува за Москва, каде што продолжува неговото школување. За неговиот талент тогаш, говорат големиот број награди и признанија што ги добива на интернационалните натпревари, како и „контроверзното“ учество на еден од најзначајните – Интернационалниот натпревар „Шопен“ во Варшава. Имено, во 1980 година, одлуката на жирито на овој натпревар да не го пушти овој млад пијанист да свири во финалниот концерт, поради неговата „изразито слободна интерпретација на авторскиот текст“, предизвикала бурна реакција кај публиката. Контроверзноста се зголемила со тоа што еден од членовите на жирито – реномираната аргентинска пијанистка Марта Аргерич, своето несогласување со одлуката го демонстрирала на тој начин што го напуштила натамошниот тек на натпреварувањето. Овој настан, тогаш го свртел вниманието на целата музичка јавност кон овој млад пијанист. Оттогаш тој непрестано ја воодушевува публиката и критиката низ целиот свет. Покрај изведувачката, значајна е и неговата општествена дејност. Во 1986 година, Погорелиќ основал фондација во Хрватска со цел да им помогне во понатамошното школување на младите музичари. Во Германија, пак, создава фестивал чија цел е промоција на млади музички уметници кои се на самиот почеток од својата кариера. Значајна е и неговата хуманитарна работа поврзана со донации на организацијата „Црвен крст“ и други невладини организации.

Концертот на Погорелиќ ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, но заради огромниот интерес на охридската фестивалска публика, овој светски познат пијанист ќе музицира и утревечер.