„Кранфилд Фаундри“ отвора леарница во Пробиштип со 280 вработувања

Најсовремена, високо-автоматизирана еколошка леарница за производство на делови за автомобилската индустрија ќе гради компанијата „Кранфилд Фаундри“ во Пробиштип. Оваа најнова странска инвестиција вредна 15 милиони евра, која треба да отвори 280 вработувања, е официјализирана со договорот што го потпишаа менаџерскиот тим и ресорниот министер Бил Павлевски.

Проектот ќе зафаќа површина од околу осум хектари, а ќе се состои од производствен погон и административна зграда на 15 илјади метри квадратни. Производството треба да почне најдоцна за една година.

„Оваа инвестиција ја најавивме пред еден месец и денеска веќе го потпишуваме договорот. Ова е уште една потврда за нашата работа и за нашите напори да донесеме што повеќе инвестиции во Македонија и да отвориме што повеќе работни места“ рече премиерот Никола Груевски.

Според него, инвестицијата се реализира токму во Пробиштип за да се зголеми вработеноста. Во оваа насока беше и отворањето на новата фабрика за акумулатори „Таб Мак“ минатата година.

Владата ќе помогне во изградбата на потребната инфраструктура во индустриската зона Пробиштип каде што ќе биде сместен новиот погон на „Кранфилд Фаундри“.

Многу е важно, нагласи Груевски, што „Кранфилд Фаундри“ покрај ова вложување, најавува и дополнителна инвестиција – поставување втора производствена линија до 2020 година што ќе значи отворање дополнителни работни места.

„Овој инвестициски проект за Пробиштип и околината ќе значи не само зголемување на невработеноста, туку и вложување во човечки капитал преку обуки и трансфер на знаења, зголемување на извозот и поттик на домашното стопанство со креирање мрежа на локални добавувачи кои дополнително ќе придонесат за раздвижување на локалната економија“, истакна министерот Павлески.

Во изминатиот период, како резултат на владините политики, додаде министерот, континуирано се зголемува бројот на погони на производители на автомобилски делови и компонентни кои ги снабдуваат светските производители на автомобили.

Пред да дојде во Македонија, менаџерскиот тим на „Кранфилд Фаундри“ разгледал неколку локации во Европа, главно во балканскиот регион.

„Оценивме дека Македонија е најсоодветна за бизнис поради местоположбата, лесниот пристап до европските пазари и погодностите што ги нуди, особено поддршката од Владата, конкурентните трошоци за градба и квалификуваната работна сила“, рече извршниот директор на компанијата Дарио Џуба.

Градоначалникот Тони Тоневски во инвестицијата на „Кранфилд Фаундри“ гледа, како што нагласи, нова перспектива за Пробиштип, раздвижување на локалната економија и спречување на иселувањето на младите кадри.

„Воопшто не беше лесно да се убедат инвеститорите да вложат во мала и не толку развиена општина со недоволно добра патна инфраструктура, лоша географска поставеност и многу други негативности. Но, огромните заложби на Владата дадоа огромна поддршка и овозможија проектот да стане реалност“, напомена Тоневски.

„Кранфилд Фаундри“ е компанија основана од руски капитал, дел од бизнис групата „Кранфилд“ во семејна сопственост чии основачи имаат долга традиција во металургискиот сектор во Русија.

Леарницата во Пробиштип ќе ја гради холандската компанија „Гемко“ во соработка со македонска фирма.

„Кранфилд Фаундри“ денеска ја поднесе изготвената студија за влијанието на леарницата врз животната средина во надлежното Министерство. Паралелно со подготовките со изградбата на објектот, како што рече извршниот директор, ќе се работи и на подготовка на тимот.

Примарното производство на „Кранфилд Фаундри“ ќе биде наменето за монтажна и железничка индустрија, а крајната цел е производство на делови за автомобилската индустрија. Со тоа, како што посочи премиерот Груевски, Македонија уште повеќе го зајакнува својот имиџ како земја на автомобилската индустрија.

„Нешто што порано не беше поимливо, денес со влезот и работата на многу компании од оваа индустрија, полека но сигурно станува реалност“, подвлече Груевски.