Концерт за виолина и пијано вечерва на „Охридско лето“

Виолинистката Марија Солозобова и пијанистот Владик Броневецки вечерва ќе одржат концерт во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Тие ќе настапат во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Марија Солозобова е една од највпечатливите виолинистки на својата генерација. Нејзината кариера е во постојан подем. Активно настапува во некои од најпрестижните сали во светот како „Викторија хол“ („Victoria Hall“) во Женева, „Тонхале“ („Tonhalle“) во Цирих, „Концертхаус“ („Konzerthaus“) во Виена, Големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и други, каде што соработувала со голем број еминентни диригенти, меѓу кои Владимир Спиваков, Михаи Танг, Владимир Федосејев, Дејвид Зинман и многу други. Нејзиното свирење го опишуваат како комбинација од виртуозна моќ, креативна спонтаност и елеганција. Репертоарот на Солозобова е разновиден и опфаќа дела од времето на барокот, на класицизмот и на романтизмот, па сè до дела пишувани во XX и во XXI век. Почнувајќи од 2007 година, Марија Солозобова има издадено неколку компактни дискови, со значајни дела од виолинистичката литература. Добитник е на повеќе награди на интернационални натпревари.

Владик Броневецки својата концертна активност ја започнува многу рано. Настапува низ Русија, а соработува и со некои од најпознатите оркестри таму. Дипломира на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, каде што се здобива со награда за најдобар студент што ја доделува оваа установа. Неговата „префинета техника“ и „суптилна интерпретација“ ретко видени дотогаш, го носат на некои од најзначајните фестивали и концертни сцени во светот. Како солист, но и како камерен музичар, настапувал со голем број реномирани уметници и оркестри. Неговиот репертоар е широк и разновиден, и вклучува дела од различни музички стилови и периоди. Во моментов работи како професор по пијано во Средното музичко училиште во Каталонија. На нивниот вечерашен репертоар ќе се најдат дела од Јоханес Брамс, Петар Илич Чајковски и Камиј Сен-Санс.

Vladik_slika