Отворени денови на Платежната агенција

Околу 60 општини и 102 населени места ќе бидат посетени во рамки на претстојните Отворени денови на Платежната агенција кои почнуваат на 13-ти август, и ќе траат еден месец, до 13-ти септември.

Како што најави на прес-конференција заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, целта на Отворените денови за граѓаните е реализирање директни средби со земјоделците и претставниците на бизнис заедницата на кои ќе се дискутираат сите проблеми, но ќе се даваат и сугестии, предлози и идеи од нивна страна кои потоа ќе бидат разгледани и евентуално преточени во конретни мерки за подобрување на состојбите.

Посетите на стручните тимови ќе се одвиваат во попладневните часови за да не им се одзема времето на земјоделците.

Посетата предвидува директна средба со земјоделците, а целта е тие кои имаат дилеми како и нерасчистени ситуации кои се водат во агенциите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и поттикнување и развој на земјоделството, да им се разјаснат како и да разговараат за прашања од нивен интерес и за проблеми со кои се соочуваат при аплицирањето за субвенции или доделувањето земјоделско земјиште и да побараат стручна помош“, појасни Костадиновски.

Отворените денови се и можност земјоделците да постават прашања за програмите за финансиски развој или субвенциите и да им се одговори веднаш со што, како што рече заменик-министерот, по електронски пат ќе се провери веднаш каква е состојбата и ќе добијат одговор за статусот на нивните барања кои се поврзани со нивните апликации.

„Земјоделциите ќе можат да добијат одговор за огласите на Владата за кофинансирање за набавка на механизација, приклучна механизација, подигање овошни насади за кои има 50 проценти финансиска поддршка и други, во кои земјоделците инвестирале“, истакна Костадиновски.

По период од еден месец колку што ќе траат Отворените денови, процесот нема да биде завршен. Напротив, низ дискусиите ќе се собираат идеите на земјоделците кои потоа ќе се анализираат и врз основа на заклучоци, ќе се креираат соодветни мерки.

„Целта е непосредно давање стручно мислење за кој било интерес на земјоделците, но и да се извлечат одредени сугестии, предлози, како и критики кои би се преточиле во механизам за комуникација со нив. На земјоделците, покрај нејаснотиите околу субвенциите и другите типови поддршка, ќе им се образложат и сите законски измени“, подвлече заменик-министерот Ванчо Костадиновски.