Рекорден број патници на македонските аеродроми

Рекорден број патници на двата македонски аеродроми е забележан во месец јули, односно раст од 28 отсто на годишно ниво.

Во споредба со јули 2014, во јули 2015 година бројот на патници е зголемен за 28% на годишно ниво, или ако лани во јули македонските аеродроми имале 144.784 патници, оваа година во јули бројот на патници изнесува 185.811.

„Во периодот Јануари-Јули 2015 година, бројот на патници е зголемен за 17%, од 704.563 патници во првите седум месеци од 2014 година, на 823.492 патника во првите седум месеци од оваа 2015 година“, велат од „ТАВ Македонија“.

Статистиката покажува дека откако компанијата го презеде активното управување со аеродромите, бројот на патници е значително зголемен, воведени се нови линии, квалитетот на услугата е на светско ниво.

Доколку се направи споредба со бројот на патници во периодот пред ТАВ да влезе во игра, се доаѓа до фрапантни податоци. Во првата половина на 2009-та година, вкупниот број на патници изнесувал 270.249, додека во првите шест месеци од 2015 година, бројот на превезени патници изнесува 637.681.

На годишно ниво, растот е над 75% за двата аеродрома. Турскиот холдинг го презеде управувањето со аеродромите во 2010-та година. Оттогаш, бројот на патници на скопскиот аеродром е зголемен за 76,7%, или во апсолутни бројки, од 684.905 патници во 2010-та на 1.210.509 патници во 2014-та година.

Извор: Нет Прес