„Јованка Орлеанка“ не ја остави рамнодушна театарската публика во Охрид

Енергијата која струеше на сцената, постигнатите паралели за тоа како реално се случуваат работите во животот, заситеноста и искуствата беа адут на синоќешната претстава „Јованка Орлеанка“ што ја изведоа актерите од Драма театарот од Габрово, Бугарија. Режисерот Петринел Гочев стави потпис на уште една претстава која не остави ниту еден гледач рамнодушен. Станува збор за уникатна претстава адаптирана за сценографскиот простор на дворот во Основното училиште „Свети Климент Охридски“ .

„Суштинското значење на овој театар е тоа што е жив театар и претставата „Јованка Орлеанка“ ќе биде уникатна за гледачите на „Охридско лето“. Кога таа ќе се игра на некое друго место, тоа ќе биде некоја друга Јованка Орлеанка“, вели режисерот Гочев.

За особеноста на формата што ја има употребено во театарскиот израз за оваа поставка Гочев рече дека произлегува од обидот да ја претстави Јованка Орлеанка како една млада личност која нема амбиции да биде голема и важна, не мечтае да биде важен дел од историјата на Франција, дете кое не знае дека ќе биде погубено во име на некакви големи идеали, туку обично девојче, како и сите други деца.

Според селекторот на драмскиот дел на фестивалот „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски, оваа претстава се игра како дел од проектот „Младо театарско Охридско лето“ кој за првпат годинава е воведен како дел од фестивалската програма и навистина предизвика огромен интерес кај публиката.