Стоечки овации и долги аплаузи за балетското дело „5 до 12“

Покрај богатата програма од музичкиот и театарскиот дел на годинешнава јубилејна програма на „Охридско лето“, балетско дело „5 до 12„ синоќа приреди едно исклучително атрактивно доживување за фестивалската публика. 12-те танчери и танчерки на балетскиот ансамбл ХНК Сплит покажаа извонредна извежбаност, складност, професионалност, хармонија и љубов кон танцувањето.

На прекрасната сцена на Долни Сарај бројните посетители видоа едно ново апстрактно видување на една нова боја од животот, живот на коцки исполнет со бои прелеани со енергија, раздвижени со музика и изиграни со љубов. Нешто потполно ново, модерно, поинакво од класичниот балет. Со стоечки овации и долги аплазузи беше наградено ова исклучително балетско остварување . Современиот балет насловен ,,5 до 12,, се случи пред полно гледалиште, кое сведочеше за енергичната и танцувачки извонредно добрата изведба на зрелата, концептуално и естетски заокружената кореографија на Игор Киров.

„Мене ми е драго, пред сѐ затоа што беше Македонска премиера, драго ми е кога нашата публика, ќе го прифати тоа многу добро , што го видовме и вечерва. Значи стоечки овации се нешто што секој кореограф и секој танчер на сцена го посакува. На сцената Долни Сарај го изведовме долго најавуваниот настап, како што рековме претходно во Сплит беше премиерата во петокот, а во Македонија е најсвежо донесена претстава. Премногу сум задоволен и драго ми е што дојде до оваа соработка и задоволството беше обострано што се виде и по публиката и по играчите“, изјави кореографот Игор Киров.

Според него музиката на Џајковски била почетна инспирација за неговата инвентивна кореографска креација. Публиката ја ,,понесе,, музиката на реномираниот македонски композитор Кирил Џајковски, кој за овој модерен балет комбинираше електронска и традиционална македонска музика. На прв поглед би рекле едноставно, но мнопгу ефектните слоевити костими инспирирани од етномотиви ги изработи Александар Ношпал , еден од најистакнатите македонски костимографи и модни дизајнери.