Општина: Водена од сопствените криминални, незаконски и против правни дејствија СДСМ-Охрид и денес неосновано обвинува

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати општина Охрид , во која се вели:

„Водена од сопствените криминални, незаконски и против правни дејствија СДСМ- Охрид и денеска неосновано обвинува и покажува дека за нејзе апсолутно е несфатливо дека секој проект, па и оној кој се однесува на изградбата на Откупниот центар со ладилник во село Лакочереј имаат законски и правни рамки.

Изразувајќи жалење што СДСМ –Охрид има тотално непознавање за основни, општи и правни постапки општина Охрид ќе и ги објасни сите чекори кои водат кон сигурна и успешна реализација на проектот.

Откако, согласно Законот за денационализација, парцелата на кој беше предвидено да се гради Откупно дистрибутивниот центар со ладилник во с. Лакочереј, беше вратена на физички лица, локалната власт согласно постоечките законски прописи ја одреди новата локација за оваа намена во ова охридско село.

Постапката е во фаза на ажурирање на геодетски подлоги по што ќе се пристапи кон изработка на Локалната планска урбанистичка документација. Времетраењето на донесување на Локалната планска урбанистичка документација е пократко во однос на донесување на Урбанистичките планови затоа што ги одобрува стручна комисија и Градоначалникот. Просторот во близина на с. Долно Лакочереј кој е предмет на разработка е 14 000 квадрати а параметрите односно колкав дел од тој простор ќе зафаќа Откупно дистрибутивниот центар со ладилник ќе се дефинира со Локалната урбанистичко планска документација.

Што се однесува до охридските земјоделци, во овие 2 години општина Охрид за прв пат обезбеди средства од Фондовите на Националната агенција за поддршка на руралниот развој и земјоделството со кои реализираше проекти од програмата за поддршка и рурален развој во вредност од 30 милиони денари, а во фаза на реализација се уште 3 проекти. Преку ИПАРД програмата за рурален развој општина Охрид организираше јавни трибини , посети на месните заедници и селските средини на кои ги едуцираше земјоделците како да ги користат предвидените средства.

Во канцеларијата за поддршка на земјоделците која ја отвори актуелната локална власт се издаваат сите потребни потврди дека проектите на земјоделците се во согласност со развојните цели на општината.

Ако се земе во предвид фактот дека актуелната локална власт иако соочена со стотици правни и финансиски лавиринти и дупки на секој план при реализација на секој проект успеа да реализира она што ретко која локална самоуправа во вакви неверојатни околности може да успее : 129 во целост завршени проекти и 58 проекти кои се во тек , ветени во програмата и не ветени, смешни се денешните обвинувања на СДСМ Охрид дека актуелната локална власт не успеала да изгради ниту две улици во Охрид. Ваквите едноцифрени ниски бројки кои укажуваа на број на реализирани проекти беа карактеристични за периодот кога на Власт во Охрид беше СДСМ кое за цели 8 години успеа да изгради само 2 кружни токови.

Општина Охрид изразувајќи надеж дека СДСМ- Охрид во иднина нема да има вакви јавни испади и неосновани обвинувања ги поканува охридските Социјалдемократи да го прочитаат Отчетот за двегодишното работење на Градоначалникот кој преку целосно обработени статистички податоци, бројки и параметри е израз на највисока свест во делот на транспарентното работење.“– стои во реакцијата.