Мексиканците со „еден-два“ победа ја запреа победничката серија на Хант

Џонатан Паредес ја освои првата победа во кариерата на натпреварувањата од светската серија на Red Bull Cliff Diving, славејќи пред 12-илјадната публика во Мостар.

Мексиканецот изби во водство по неколку фантастични скокови уште во првата рунда, со што се вброи на листата од само осум спортисти што освоиле победа во историјата на ова натпреварување. Натпреварот во Мостар претставуваше восхитувачки приказ на нуркачки скокови во „стариот град“, пред 12-илјадната публика која го виде и вториот Мексиканец, Серхио Гузман како го освојува првиот подиум во кариерата, иако неговиот настап беше преку „вајлд карта“. Ова беше прв настан сезонава во кој немаше доминација од Британецот Гери Хант, а третото место во скоковите од 28-метарската платформа поставена на „Стари мост“ го освои Американецот Дејвид Колтури, со што беше комплетиран подиумот.

Победата на Паредес доаѓа само еден ден по неговиот 26. роденден со што тој се етаблираше како ѕвезда во подем и скокач што е во постојана потера по место на пиедесталот, што му успеа и на претходното натпреварување со скокови од вулканските карпи на Азорските острови. Тој собра 480,90 поени што е негов највисок скор во досегашните настапи во светската серија, додека 24-годишниот Гузман на второто место имаше 471,05 поени и е прв скокач со „вајлд карта“ кој што успеал да стигне до пласман на подиумот. Дејвид Колтури влезе во последната рунда од осум натпреварувачи како „среќен губитник“ од елиминациските дуели, но доби „десетка“ за феноменалниот последен скок (кој беше со највисок поединечен збир од 154,00 поени) за да стигне до третото место со 470,60 поени.

Откако имаше пет победи во низа на почетокот од сезоната, Гери Хант за прв пат пропушти да биде дел од победничката церемонија пласирајќи се на петтото место, но дури и така тој веќе ја обезбеди титулата за 2015 година, бидејќи главниот ривал, Колумбиецот Орландо Дуке заврши на седмото место во Мостар. Хант сега има 1090 бодови, а Дуке со 650 се уште е на втората позиција, но за победа во првенството се добиваат по 200 бода, што значи дека со две преостанати натпреварувања во Бари (Италија) и Билбао (Шпанија), Гери Хант веќе ја обезбеди петтата титула. Победникот од Мостар, Џонатан Паредес, сега има само еден бод помалку од Дуке во генералниот пласман и најави борба за втората позиција до крајот на сезоната. Поранешниот олимписки скокач Блејк Олдриџ во Мостар беше елиминиран од уште еден учесник со „вајлд катра“ Анатолиј Шаботенко во директните дуели, па во генералниот пласман падна на четвртата позиција со 620 поени. Дејвид Колтури има 560 на петтото место, а најдобрите пет скокачи од сите учесници во 2015 година автоматски го обезбедуваат своето место во листата на учесниците за следната година.

Од Мостар, кој што претставуваше локација каде што традицијата на скоковите е стара повеќе од четири века, светската серија Red Bull Cliff Diving се сели во Полињано ал Маре, крај Бари, Италија, за претпоследниот настан од оваа сезона кој доаѓа по пауза од четири седмици. Таму ќе скокаат и девојките за кои тоа ќе биде трет и последен настан во 2015 година, со што ќе се добие и новиот шампион во нивната конкуренција.

„Имав навистина тежок старт на денот, не се чувствував добро и повраќав пред мојот прв скок. Мислев само како да го дадам најдоброто од себе и тоа успеа. Да се победи овде, на ова место и во овој град, навистина е митски, среќен сум. Реков по настапот на Азорските острови дека сакам да бидам меѓу првите тројца во серијата, па ќе се обидам да дадам се од себе за претстојните скокови во Италија и Шпанија.“-  изјави Џонатан Паредес од Мексико.

„Многу сум среќен бидејќи ова е прв пат некој учесник со „вајлд карта“ да стигне до подиумот. Не можам да верувам! Задоволство е да се биде тука поради традицијата на скокови од овој мост. Благодарам за поканата и со нетрпение го очекувам следниот натпревар во Италија.“- изјави  мексиканецот Серхио Гузман.

„За мене оваа сезона беше како „луда железница“. Имав добар старт во картагена, но на последните две натпреварувања во Данска и Португалија нештата не одеа добро за мене. Доаѓањето тука во Мостар, град со голема традиција и страст за скоковите, беше навистина специјален момент. Толку многу луѓе, толку добра атмосфера. Пласманот како „среќен губитник“ во финалната рунда значеше дека не ги ни погледнав другите резултати, едноставно знаев дека можам да направам пробив со мојот последен скок. Мошне е „кул“ што завршив на подиумот веднаш до Џони и Серхио. Тој со „вајлд карта“ стигна до второто место, колку е тоа пак „кул“?! Добро ќе се одморам и ќе закрепнам за да можам силно да финиширам во последните две натпреварувања.“ – изјави Дејвид Колтури од САД.

Резултати: 1. Џонатан Паредес (Мексико) 480,90 поени, 2. Серхио Гузман (Мексико) 471,05 поени, 3. Дејвид Колтури (САД) 470,60 поени, 4. Михал Навратил (Чешка) 457,95 поени, 5. Гери Хант (Велика Британија) 453,40 поени, 6. Енди Џонс (САД) 425,55 поени, 7. Орландо Дуке (Колумбија) 425,30 поени, 8. Анатолиј Шаботенко (Украина) 387,10 поени, 9. Стивен Лобуе (САД) 300,50 поени, 10. Блејк Олдриџ (Велика Британија) 292,00 поени, 11. Артем Силченко (Русија) 237,00 поени, 12. Тодор Спасов (Бугарија) 224,10 поени, 13. Хорхе Ферзули (Мексико) 194,00 поени.

P-20150815-00233_News P-20150815-00345_News P-20150815-00307_News