Ставрески: „Македонија вработува“ помага и на старите и на младите да најдат работа

Вкупно 4.622 лица се вработени преку проектот „Македонија вработува“ заклучно со минатиот петок. Значајно е тоа што имаме вработувања од сите категории, односно околу 2.000 лица се млади до 35 години, а од друга страна ангажирани се околу 1.000 лица над 50 години, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Одговарајќи на новинарско прашање, вицепремиерот Ставрески нагласи дека од оние што се вработени со над 50 години, околу 250 лица се над 58-годишна возраст.

„Тие лица никогаш немаше да бидат ангажирани од страна на фирмите доколку не беше овој владин проект. Затоа, задоволство е за Владата кога одредена мерка ќе резултира на ваков начин, односно ќе овозможи вработување на луѓе и решавање на животното прашање на голем број граѓани“, истакна Ставрески по почетокот на реконструкцијата на улицата „Прашка“ во општина Карпош.

Тој оцени дека овој владин проект наидува и на одличен интерес од страна на работодавачите бидејќи, како што рече, им овозможува голема заштеда затоа што може да ангажираат лица, а притоа да не ги плаќаат придонесите за здравствено и пензиско осигурување.