Груевски: Кризната состојба е за да се регулира неконтролираниот влез на мигранти

Привремените регулациски мерки на Владата кон мигрантите се во насока на обезбедување поефикасен транзит низ државата, изјави премиерот Никола Груевски со врска со владината одлука за прогласување кризна состојба во регионот на јужната и на северната државна граница поради зголемениот наплив на мигранти.

„Ние имавме една дискусија по прашањето за мигрантите кое е прашање за Европа, не само за Република Македонија. Македонија е транзитен коридор и исклучително важно е како ние ќе се справиме со овој предизвик. Кога го донесовме законот со којшто на мигрантите им дадовме одредени можности, тогаш имаше дневно 500 до 600 мигранти, а по оваа бројка порасна на 800-900, па на илјада, па на 2.000 просечно дневно и сега веќее над 2.500, а се очекува во наредниот период да расте и на три, на четири илјади итн“, рече Груевски.

Според него, нивното поминување и транзитирање низ Македонија создава проблеми за самите нив, безбедносни и други проблеми од хуман карактер, рече Груевски.

„Оценивме дека е потребно Владата да преземе одредени привремени регулациони инструменти со кои прво ќе им излезе во пресрет на мигрантите за тие да имаат хуман транспорт низ Република Македонија, што значи мора да биде повеќе контролиран нивниот влез и бројот на луѓе кои влегуваат за да може да им се пружи потребната помош кога ќе влезат во Република Македонија. Во таков голем број државата нема капацитет да им пружи помош“, рече Груевски.

Посочи на примерот дека еден воз којшто ќе се испрати собира 350 луѓе, а влегуваат 650 мигранти и тоа, како што рече, е непријатно и за самите нив, така што мора да се направи поконкретна регулација.

„Оттука, донесовме одлука да се вклучи војската само во тој дел, значи се прогласи т.н. кризна состојба само во пограничниот дел каде што поминуваат мигрантите и каде што војската треба да и помогне на полицијата во делот на регулирањето на влезот, да нема неконтролирано влегување. Пред се, заради безбедноста и хуманиот пристап кон самите мигранти, но и безбедноста и проблемите што се создаваат кај локалното население и трето, капацитетите на државата да ги прифати и да им помогне на тие луѓе кои ги снашла голема несреќа во животот да мораат на ваков начин да се снаоѓаат“, истакна премиерот Груевски.

Тој изрази надеж дека овие мерки што се преземаат ќе бидат од корист и за самите мигранти и во корист на локалното население и како што рече, на најдобар начин да се искористат капацитетите на државата таа да помогне.