СДСМ: Очајни и безуспешни се обидите на Бакрачески и локалната власт на ДПМНЕ да ја убедат јавностa дека се остваруваат ветените проекти

ОО на СДСМ Охрид денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Очајни и безуспешни се обидите на градоначалникот Бакрачески и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ да ја убедат охридската јавност дека се остваруваат ветените проекти. Вистината и реалноста се поразителни – за 2 и пол години власта на ВМРО-ДПМНЕ не успеа да реализира ниту еден проект од оние што во нивната изборна програма беа ветени како приоритетни и капитални. Сето она што им беше ветено на граѓаните на Охрид, како приоритетни капитални инвестиции, и по цели 2 и пол години се‘ уште се наоѓа само во најава.

И покрај дадените цврсти ветувања на почетокот на мандатот, се‘ уште не е изработена валидна сообраќајна студија за режимот на сообраќајот. И оваа туристичка сезона, веќе трето лето по ред, во Охрид се случува сообраќаен хаос по улиците. Ова посебно се однесува на стариот дел од градот и централното градско подрачје, каде што паркирањето на автомобилите претставува невозможна мисија. Поскапувањето на цената на паркингот во очи на туристичката сезона во централното градско подрачје за цели 33% воопшто не ги даде посакуваните резултати.

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата втора година по ред ги заборави учениците од основните училишта и по втор пат не ја организира сообраќајно-воспитната акција „Ученички семафор“; само во Охрид учениците од основните училишта втора година по ред останаа без можност да ги стекнат и покажат сообраќајните познавања.

„Питу Гули“ и „Ристо Чадо“, меѓу главните и најпрометните сообраќајници во градот, се реконструираат и затвораат за сообраќај во текот на високата туристичка сезона. Една кружна раскрсница се правеше цели 5 месеци, а една пешачка патека од 210 метри, која е само една десеттина од ветените 2 километри, се градеше подолго од половина година. Ваквите зафати спаѓаат во редовните комунални активности за одржување и осовременување на постоечката сообраќајна инфраструктура. Нема нови улици, нема нови тротоари, нема нови велосипедски патеки, нема нови паркинг простори. Има само оправдувања и жалопојки од срана на градските власти, затоа што цели 2 и пол години некој друг им е виновен за нивната неспособност, нестручност и немоќ. Охриѓани заслужуваат многу повеќе.“- стои во соопштението.