На клиниката за радиологија првпат изведена нова ендоваскуларна метода

За првпат во Македонија, на Клиниката за радиологија се извршени интервенции со пласирање на пренасочувачи на проток (flow diverters), кои служат за ремоделирање на артериите и пренасочување на крвен проток.

Станува збор за ендоваскуларна метода (со пункција на артерија со катетер, без отворање на черепот), кај која за првпат се применети пренасочувачи на проток.

Изминатата недела беа третирани вкупно 6 пациенти, од кои:

3 со крваречки сложени големи аневризми (аневризмите се проширувања на артериите во мозокот)
2 некрваречки
1 артериовенска фистула (неприродна комуникација помеѓу артериите и вените во мозокот)
Поставени се 2 пренасочувачи на проток кај 2 пациенти, и 4 интракранијални стентови кај останатите 4 пациенти. Станува збор за нов, посовремен тип на интракранијални стентови, за разлика од оние што претходно се ставале, додека пренасочувачите на проток се ставени за првпат. Сите пациенти се во добра состојба, а четворица од нив се веќе пуштени на домашно лекување.

Интервенциите се изведени под надзор на интервентен неврорадиолог од Клинички центар Љубљана – Словенија, д-р Зоран Милошевиќ, во соработка и со Клиниката за неврохирургија и КАРИЛ.

Во изминатите неколку години, со ендоваскуларен третман се третирани околу 120 пациенти. Вообичаено се третирале помалите аневризми, додека посложените аневризми и артериовенските фистули се испраќале во странство (каде лекувањето чини од околу 30.000 до 100.000 евра за еден пациент, во зависност од употребените материјали и можните постинтервенциски компликации).

Според податоците од ФЗОМ, во 2014 година се упатени 9 лица (сумата се дви од од 16.000 евра до 48.000 евра), односно во 2014 година се уплатени 231.297 евра. Во 2015 година се упатени 4 лица (сумата се движи од 6100 евра до 51.400 евра), односно вкупно се уплатени 102.639 евра. Поголемите суми за лекување се за комбинирани интервенции на аневризми со операции, а само емболизација на аневризма сумата е околу 20 – 25.000 евра.

rab-sredba-radiologija-foto4