Годинава 1.000 лекари и друг медицински персонал на обука во странство

Проектот за обука на лекарите и останатиот медицински персонал во современите медицински центри во странство се спроведува успешно. До август веќе се испратени околу 600 лекари и медицински персонал, а до крајот на годината се очекува да бидат пратени на обука уште 400 со цел да се заокружи бројката од 1.000 лекари и медицински персонал, оцени премиерот Никола Груевски.

Одговарајки на новинарско прашање, премиерот Груевски посочи дека две години по ред во познатите болници во странство се испратени по 500 лекари и медицински персонал, а оти од годинава согласно законот треба да бидат испратени 1.000 лекари на годишно ниво.

„Ова е многу важно да се направи, затоа што добро е да се купува медицинска опрема која недостигаше и која како никогаш досега е набавена од страна на Владата и добро е да се изградат современи болници, но клучна е стручноста на лекарите и медицинскиот персонал. Ако лекарите не ги следат најновите достигнувања и методи за дијагностицирање и интервенции тогаш нема доволно да биде искористена моќта што ја имаат новите апарати, а пациентите ќе останат со послаби третмани“, нагласи Груевски.

Тој потенцира дека како Влада се многу фокусирани на здравството каде се спроведуваат низа проекти како што се „Ало докторе“, плаќањето по учинок, купувањето нова современа опрема па се до реконструкцијата и изградбата на медициски установи со цел лекарите да имаат подобри услови за работа, а пациентите соодветен третман.