Јолевски: Вежбата „Операција Фаланга-Македонија“ доказ за добрата соработка меѓу армиите на Македонија и САД

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, придружуван од амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и командантот на ЗОК на АРМ бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, денеска на армискиот полигон Криволак присуствуваа на билатералната воена вежба „Операција Фаланга – Македонија“, која започна на 28 август, а ќе трае до 6 септември.

Според министерот за одбрана, оваа вежба е доказ за добрите односи и високото ниво на соработка меѓу армиите на Република Македонија и САД.

„На оваа вежба се покажа како американските структури ги обучуваат македонските припадници на воената полиција, како да дејствуваат во различни сценарија, а исто така оваа вежба на некој начин е потпомагање за евалуација на воената полиција на АРМ според НАТО-стандардите“, изјави Јолевски.

Информира дека во текот на оваа година ќе евалуира воената полиција на АРМ за нејзината целосна интероперабилност…. со НАТО -стандардите.

Она што радува, рече министерот, е што добивме позитивни оценки од припадниците на Армијата на САД.

Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски денешната вежба ја оцени за успешна. – Она што го видовме и степенот на обученост во постапките кои ги покажаа влеваат сигурност дека четата на воената полиција успешно ќе го помине оценувањето, рече Величковски.

На воената вежба беа прикажани различни содржини и практични форми на воено-полициска обука, како што се работа на контролна точка, справување со толпа, борба во урбаната средина, патролирање, како и основно и напредно гаѓање со автоматска пушка М4 која е вооружување во Армијата на САД.

Министерот Јолевски заедно со генерал-потполковник Величковски и бригадниот генерал Ѓурчиновски заминаа во посета на припадниците на АРМ кои се ангажирани за асистенција на граничната полиција на границата на Република Македонија со Република Грција.