Твининг проект за „Развивање напреден систем во борбата против организираниот криминал“

Во рамки на ИПА програмата 2011 на ЕК, од вчера во МВР започна имплементацијата на твининг проектот – „Развивање на напреден систем за собирање на информации и анализа за борба против организираниот криминал “. Целта на проектот е развивање на капацитетите и методите за работење со разузнувачки информации и анализа во рамки на централните, регионалните и локални полициски служби и регионалните центри за гранични работи при Бирото за јавна безбедност на МВР во борбата против организираниот криминал.

Притоа, планирано е реализацијата на проектот да се спроведе во три компоненти: анализа на тековната состојбата за имплементација на концептот на полициско работење со разузнувачки информации; потоа воспоставување на правна рамка за полициско работење со разузнувачки информации; и на крајот подготвување на модел за обука и спроведување на обуки во областа на полициското работење со разузнувачки информации. Времетраењето на проектот е 21 месец, а за имплементацијата како твининг партнер е избрана Федералната Криминалистичка Служба на Република Австрија.