Кампања „Вози трезен-стигни жив“

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на град Охрид, утре ќе ја реализира кампањата „Вози трезен-стигни жив“.

На кеј „Македонија“ во близина на охридското пристаниште, во 11 часот, предвидентите активност ќе се спроведат во соработка со општинската организација на Црвениот крст и со полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при СВР Охрид.

Тука, но и на неколку други локации во градот, предвидени се сообраќајни пунктови составени од полициски службеници и волонтери на Црвениот крст каде ќе се врши доброволно алкотестирање и делење на пригоден едукативен материјал.

Целта на оваа активност е унапредување на сообраќајната превенција, подигнување на степенот на сообраќајната култура кај возачите на моторни возила и подигнување на свеста за штетните и кобни последици од возењето под дејство на алкохол.

Кампањата „Вози трезен-стигни жив“ е спроведена од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во Скопје а се реализира низ целата држава.