Промовиран документарниот филм „БЕСА (ветување)“

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на промоцијата на документарниот филм „БЕСА (ветување)“, која се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Во оваа прилика Адеми истакна дека е посебна чест за него и за Министерството за образование и наука на Република Македонија, што присуствува на овој настан.

„Албанската Беса е вечна и светски позната доблест. Тоа е свет збор даден на пријател, ветување кое не знае за предавство, па дури и ако се мери по цена на животот. Оваа дадена беса им помогнала на многу Евреи да се спасат од нацистичките чизми за време на Втората Светска војна, во Албанија и албанските територии на Балканот “, рече Адеми.

Адеми додаде дека се надева дека филмскиот проект, документарецот „БЕСА (ветување)“ ќе даде повеќе информации, инспирација и лекциии од минатото, за да може иднината да се направи подобра и посветла.

„Овој 11 септември, овој настан вечерва, нека биде уште една можност, сите заедно да изразиме повеќе хармонија, разбирање и меѓусебна толеранција“, рече Адеми.

Документарниот филм „Беса (ветување)“ е базиран на вистински докази за спасувањето на Евреите од страна на Албанците за време на Втората светска војна.