Прв академски час за околу 3.000 бруцоши на штипскиот универзитет

Заменик министерот за образование, Спиро Ристовски и ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, Блажо Боев денеска присуствуваа на првиот академски час за студентите запишани во прва година на Факултетот за Медицински науки, Факултетот за Правни науки и на трите Академии за филмска, музичка и ликовна уметност.

„Во оваа прилика би сакал да им честитам на сите новозапишани студентите на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, а би сакал да им честитам и на сите новозапишани студенти на сите универзитети во земјава. Мене ми претставува задоволство што денес сум овде заедно со новиот ректорот на УГД, Блажо Боев, во оваа прилика би му посакал и исклучителен успех во работата во манадот што му следи, а исто така би сакал да честитам и на успешната работа на досегашниот ректор, Саша Митрев, со што Штип стана и центар на образованието“, истакна Ристовски.

Ректорот на УГД-Штип,Блажо Боев кој и од вчера е официјално на оваа функција вели дека е задоволен што на штипскиот универзитет се запишани околу 3.000 нови студенти.

„Ова е традиција која што на универзитетот се одржува веќе девет години, а ова е и првиот академски час за студентите кои се запишани во прва година. Бројката на ново запишани студенти е некаде околу 3.000. Во оние консталации кои што се случуваат во Република Македонија во поглед на високото образование ние сме задоволни од она што се случува на универзитетот и студентите ќе бидат задоволни што се запишале на нашиот универзитет“, вели Боев.

Тој истакна дека во текот на наредниот период предизвик ќе му биде студентите да добијат квалитетна настава , а од инфраструктурните проекти да се изгради Студентски дом, за кој потреба имаат студентите од скоро сите градови во земјава, но и од странство.

Заменик министерот за образовнаие, Ристовски вели дека како ресорно министерство имаат план за решавање на проблемот со Студенсткиот дом.

„Имаме план, ние со поранешниот и новиот ректор заеднички да процениме, каде, во која фаза, и со колкав капацитет ќе се пристапи, во насока во обезбедувањето на дополнителни студентски места. Така да тоа е во рамките на приоритети кои што како министерство и со раководството на универзитетот ќе ги реализираме во следниот период“, вели Ристовски.

На останатите факултети на штипскиот универзитет во Штип, Струмица, Кавадарци, Кочани, Виница, Скопје, Гевгелија, Прилеп и Радовиш првиот академески час за студентите од прва година се одржа во Кампусите каде што се сместени.