Министерот Чавков оствари средба со Претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за внатрешни работи на Република Македонија, м-р Митко Чавков.

На средбата, што се реализира по донесените заклучоци од одржаниот состанок на челниците на ЕУ во Брисел, беше разговарано за мерките и за активностите што се преземаат за превенција и за справување со влез на илегални мигранти во регионите зафатени со кризната состојба и нивното движење низ територијата на Република Македонија.

На средбата беше констатирано дека сите субјекти кои учествуваат во системот за управување со криза функционираат со зголемени активности и се соочуваат со недостиг на капацитети во материјална, кадровска, техничка опременост и превозни средства.

Министерот Чавков информираше дека Министерството за внатрешни работи побара помош и асистенција од ЕУ во остварување на системот за превенција за дополнување на потребните капацитети. Република Македонија како транзит територија на Балканскиот мигрантски коридор се соочува со последиците од однесувањето на земји-членки на Унијата, рече министерот Чавков. Една земја-членка со организирани институционални капацитети ги наведува мигрантите кон нашата јужна граница, додека други земји-членки го попречуваат нивното движење кон посакуваната држава во Унијата. Тој додаде дека Балканскиот мигрантски коридор во изминатите десетина дена во неколку наврати е прекинуван.

Министерството за внатрешни работи констатира дневен влез на 6000 до 7000 странски државјани, а информациите и анализите говорат за зголемување на бранот на мигранти во месеците кои доаѓаат. Полициските сили кои имаат поддршка од единици на Армијата ќе се соочат со работа во крајно сложена активност. Доколку се прекине коридорот и се затворат границите, но и поради временските прилики, Македонија ќе биде принудена да примени планови со соодветен одговор за да ја заштити својата национална безбедност, рече министерот за внатрешни работи.

Во наредниот период, информира министерот Чавков, Министерството за внатрешни работи ќе се соочи со дополнителен предизвик во остварување на својата надлежност во системот за јавна и државна безбедност за употреба на своите капацитети потребни и за обезбедување на изборниот процес и избирачките места на територијата на Република Македонија.

Претседателот Иванов побара развој на програми за постојано информирање и поддигнување на свеста кај граѓаните и општеството за заканата и ризиците од илегалната миграција со која се соочува Република Македонија.