Со заедничка работа до решавање на бегалската криза

На вчерашниот вонреден самит за бегалската криза, шефовите на државите и владите на Европската унија, изразија согласност дека со предизвиците можат да се соочаат само со заедничка работа, во духот на солидарноста и одговорноста, со почитување, применување и спроведување на постоечките правила.

На состанокот на високо ниво, детално е расправано за тоа како да се постигнат долгорочно одржливи решенија и донесена е одлука во врска со низата неодложни приоритети.

Од институциите и владите на ЕУ е побарана итна посветеност на приоритетните мерки, предложени од страна на Еврокомисијата и оперативни одлуки за најитните прашања, пред состанокот на Европскиот совет во октомври, а во согласност со следниве насоки:

  • да се одговори на итните потреби на бегалците во регионот преку помагање на Високиот комесаријат за бегалци на ОН, Светската програма за храна и други агенции, со дополнителен износ од најмалку 1 милијарда евра;
  • помош за Либан, Јордан, Турција и другите земји засегнати со сириската бегалска криза, меѓу другото, преку значително зголемување на регионалниот фонд на ЕУ, основан како одговор на реакцијата на сириската криза („Фондот Мадад“);
  • зајакнување на дијалогот со Турција на сите нивоа и за време на претстојната посета на турскиот претседател (5 октомври), со цел да се зајакне соработката во запирањето на миграциските текови и управувањето со нив;
  • да им се помогне на земјите од Западен Балкан во управувањето со приливот на бегалци, меѓу останатото, преку претпристапните инструменти, како би се осигурала брза и добра подготовка за Конференцијата за западнобалканската рута (8 октомври);
  • да се зголеми финансирањето на Кризниот фонд за стабилност и решавање на основните причини за илегалната миграција и раселените лица во Африка, преку дополнителен придонес на земјите-членки, како и да се обезбеди оптимална подготовка за Самитот во Валета (11-12 ноември), со цел да се постигне најголем можен напредок;
  • да се реши драматичната ситуација на надворешните граници и да се зајакнат контролите на истите, меѓу другото, преку дополнителни средства за Фронтекс, ЕКПА и Европол, како и со персонал и опрема од земјите-членки;
  • да се исполнат барањата на најизложените земји-членки за помош на институциите, агенциите и другите земји-членки, за да се обезбеди идентификација и регистрација на мигрантите, како и добивање нивни отпечатоци од прсти и истовремено да се обезбеди преместување и враќање најдоцна до ноември 2015 година.;
  • да се зголеми финансирањето на Кризниот фонд за азил, интеграција и миграција, како и на Фондот за внатрешна безбедност – Граници.

Европските челници упатија апел за вложување меѓународни напори под покровителство на ОН, сè со цел да се стави крај на војната која предизвика толку многу страдања и принуди околу 12 милиони луѓе да ги напуштат своите домови.

ЕУ презема обврска да воспостави влада на национално единство во Либија, а Еврокомисијата да достави предлози за мобилизација на буџетот на ЕУ.