Министрите Попоски и Јолевски на генералната дебата на седумдесеттото заседание на Генералното собрание на ООН

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и министерот за одбрана, Зоран Јолевски, како дел од владината делегација чиј шеф е премиерот Никола Груевски, вчера во рамките на Генералното собрание на Обединетите Нации, учествуваа во работата на телата и форумите на светската организација. Владините министри остварија и средби со нивните колеги од земјите членки на Обединетите Нации, а беа дел од работата и на Самитот за мировни операции на ОН.

Министерот Попоски истакна дека нашата земја реализира активности кои се во насока на исполнување на главните цели на 70-тото Генерално собрание, и на национално ниво и како дел од регионалните организации.

„Јубилејното 70-то Генерално собрание на Обединетите Нации оваа година се посветува на намалување на сиромаштијата, борба против климатските промени и спречувањето на нивните негативни последици, и мирот и мировните операции во светот. Република Македонија се наоѓа во прилично поволна положба како земја која во минатото била дестинација за мировниците, а денес е еден од најголемите извозници на мировници по глава на жител. Дополнително на нашата агенда се наоѓа и регионалната улога која ја имаме како претседавач на Централноевропската иницијатива и во овие рамки темите кои се поврзани со мирот, со борбата против сиромаштијата и со глобалните предизвици од климатските промени се пресликани и во работата на ЦЕИ“, изјави министерот Попоски.

Министрите Попоски и Јолевски ја претставуваа Република Македонија и на Самитот за мировни операции, на кој се разгледуваат теми за зголемување на учеството на земјите членки во мировните операции со цел обезбедување на мирот и превенција на конфликти.

„Самитот за мировни операции кој се одржува оваа година под покровителство на американскиот претседател Обама и Генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун, се однесува на контрибуциите на земјите членки на Обединетите Нации. За таа цел имавме бројни средби со нашите партнери од Соединетите Американски Држави, од Италија, и од сојузната држава Вермонт со која имаме соработка со Националната гарда на Вермонт, за можно трилатерално партнерство на Сенегал, Вермонт и Република Македонија“, изјави министерот Јолевски.

Министерот Јолевски истакна и дека нашата земја активно работи и на поголем број на други мировни иницијативи, како што е иницијативата за можностите за заедничко учество на земјите од Југоисточна Европа во формирање на мировни контингенти за која цел се подготвени и конкретни документи кои во следниот период ќе бидат предмет на мултилатерално разгледување.

Во рамките на Генералното собрание, министерот за надворешни работи Никола Попоски оствари и поголем број на средби со министрите за надворешни работи на дел од земјите членки, на кои се разговараше за унапредување на билатералната соработка и исполнување на мултилатералните цели.

„Ова е добра можност да воспоставиме контакти и со колегите од непостојаните земји членки на Советот за безбедност и земји со кои што немаме можност толку редовно да се видиме. Разговаравме околу повеќе теми за зголемување на билатералната динамика и на средби и на проекти, и во делот на образованието, и во делот на политичката соработка и во делот на економските односи, инвестиции и бизнис форуми за зголемување на можноста за трговска соработка“, изјави министерот Попоски.