Женската ракометна репрезентација поразена од Црна Гора на стартот од квалификациите за ЕП

Македонската женска сениорска репрезентација со пораз од фаворизираната Црна Гора ги стартуваше Квалификациите за ЕП, откако денеска загуби на гостувањето во Бар со 21-14.

Црногорките го започнаа натпреварот со одлична игра во одбраната, а предводени од Булатовиќ која постигна три гола во првите 7 минути од натпреварот, најпрво поведоа со 4-0, а потоа и со 7-2. Сепак, Николиќ, Саздовска, Ристовска и Елена Ѓеорѓиевска постигнаа четири погодоци за Македонија во следните 4 минути и намалија на 8-6. До полувремето Црна Гора успеа повторно да го зголеми водството, кое сепак на паузата изнесуваше достижни 4 гола разлика (12-8).

Но слично како во првото, така и на почетокот на второто полувреме Црна Гора добро го затвори својот гол, па со нова серија од 4-0, на нешто повеќе од 20 минути до крајот се одлепи на 16-8. Искусниот противник знаеше како да ја задржи предноста во остатокот на натпреварот, па и покрај обидите на избрнаичките на Симе Симевски да фатат резултатски приклучок, го приведоа мечот кон крај за конечна победа од 21-14.

Елена Ѓеорѓиевска со 4 постигнати голови заврши како најпрецизна во нашиот тим, каде 3 голови додаде Сара Ристовска, а по 2 постигнаа Јована Саздовска и Зорица Десподовска. Во листата на стрелци се запишаа и Керамичиева, Николиќ и Ливриниќ со по 1 постигнат гол.

На другиот натпревар од нашата квалификациска група што се одигра денеска, нашиот следен противник Хрватска ја совлада Словенија на свој паркет со 27-19.

По средбата во Бар, Македонската женска репрезентација се враќа во Скопје каде веќе во сабота ќе се сретне со Хрватска. Тој натпревар ќе се игра во СРЦ „Кале“ од 20:15 часот.