Општина: Продолжува дезорганизираното и дезориентирано однесување на СДСМ- Охрид

Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Продолжува дезорганизираното и дезориентирано однесување на СДСМ- Охрид. Очигледно од оваа политичка партија не научија дека јавно искажаниот збор треба да биде аргументиран и токму поради тоа како и во времето на нивното владеење во Охрид, пропратено со низа афери и скандали, така и сега „излетуваат“ во јавноста со непроверени информации.

325-те партиски лица кои со сомнителни договори за вработување СДСМ -Охрид преку ноќ ги вработи во општина Охрид и зголемувањето на бројот на вработени од 52 –ца на 275 лица се доволна потврда дека партизирана локална администрација во Охрид кроеше токму оваа политичка партија.

Многупати досега на СДСМ – Охрид сме им кажале дека ние во целост се разликуваме од нив и секогаш при носењето на одлуките се раководиме исклучиво од личните компетенции и постигнувања на лицата кои треба да бидат ангажирани во општина Охрид.

Во интерес на вистината должни сме да ја известиме јавноста дека општина Охрид аплицираше со проект WATER.NET којшто проект беше добиен преку ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Р. Макeдонија и Р. Грција. Во оваа почетна фаза од имплементација на проектот потребно е да бидат ангажирани лица како надворешни соработници кои ќе го спроведуваат проектот и чиишто хонорари се пресметани во трошоците на самиот проект. Подвлекуваме дека транспарентно беше објавен јавен повик со точно утврдени критериуми соглансно правилата на Европска Комисија и насоките на Делегацијата на ЕУ во РМ. Еден од основните критериуми на јавно објавениот повик беше покрај степенот на образование лицето да има претходно работно искуство на позиција проектен менаџер во имплементација на проекти од исти или слични програми.

Со пријавените кандидати кои ги исполнуваа критериумите од јавниот оглас беше спроведено интервју по што Комисијата достави на верификација кај Градоначалникот лица за кои сметаше дека ги исполнуваат сите критериуми предвидени во огласот задоволувајќи го главниот услов за потребно искуство за работа со Европски проекти.

Градоначалникот Бакрачески за волја на вистината се уште не донел одлука со која ќе ја верифицира одлуката на комисијата. Тоа значи дека во општина Охрид се уште не е извршен избор на надворешни соработници по однос на проектот WATER.NET а уште помалку да се случило работно ангажирење на лица во рамки на општинската администрација што практично е невозможно. Но без оглед каква ќе биде одлуката на градоначалникот Бакрачески по однос на овој оглас тој со своето работење во изминатите две и пол години покажа и докажа дека при носењето на одлуките исклучиво се води согласно пропишаната законска регулатива притоа сериозно посветувајќи внимание на личноста и нејзините лични капацитети да одговори на потребните ангажмани во рамки на општина Охрид. Тоа се негови принципи од кои во ниеден момент и по ниедна цена не е подготвен да отстапи. Од тука за нас е тенденциозно денешното соопштение на СДСМ- Охрид во кое гледаме обид за вршење определен притисок за носење на одлука која се уште не е донесена.

Едно е јасно дека сите не се како нив и за доброто на сите во Охрид времето на СДСМ –Охрид карактеризирано со многу проблематично практицирање на власта во Охрид е одамна завршено.

За разлика од СДСМ- Охрид, која вработуваше најчесто лица од матичната партија, сегашната локална власт работно ангажира лица кои се стручни, компетентни и можат да допринесат во креирањето на подобра иднина за Охрид и кои имаат капацитет да го извлечат градот од бездната во која СДСМ- Охрид во нивното 8 годишно владеење длабоко го закопа на дното.“– стои во реакцијата.