Томе Пачовски ќе се прости од дресот на Македонија на утрешниот натпревар против Украина

Капитенот на македонската А репрезентација, Томе Пачовски утре против Украина ќе го одигра последниот натпревар во дресот со националниот грб.

Големиот играч и капитен реши да стави крај на репрезентативната кариера и да им отстапи место на помладите. Пачовски 17-ет години мина во македонските национални репрезентации. Во најдобрата селекција дебитираше на 04. јуни 2006 година на пријателскиот натпревар Македонија – Турција (1-0) одигран во Германија. Утрешниот натпревар на кој ќе ја носи капитенската лента ќе му биде вкупно 47-ми во дресот на Македонија.

„Утрешниот натпревар ќе биде посебен за мене, веројатно најемотивниот во фудбалската кариера. Ќе се простам од репрезентативниот дрес, дресот кој го носев 17-ет години. Ќе се простам од тимот кој го чувствувам како семејство. Благодарност до Фудбалската федерација на Македонија за целата поддршка, благодарност до сегашните и колегите со кои минавме долг период, време во кое имавме и радосни и моменти на тага. Благодарност до стручниот штаб, лекарскиот тим и луѓето задолжени за опремата и логистика. Репрезентацијата ми помогна да се изградам како играч и како личност. Никогаш нема да ги заборавам убавите моменти. Чувствувам дека е време да го отстапам местото на помладите, имаме надежни голмани и не сакам да им бидам пречка во нивниот напредок. Напротив, на сите во репрезентацијата им посакувам да споделуваат само убави моменти и да се радуваат на успеси. Македонската репрезентација секогаш ќе биде мојот тим број еден“, – вели Томе Пачовски.