Победа на Македонија У21 во гости против Северна Ирска

Македонската репрезентација до 21 година ја совлада Северна Ирска на гостински терен во натпревар од третиот круг од квалификациите за Европското првенство.

Со победата од 2:1 го остваривме вториот триумф од три меча во циклусот за пласман на континенталниот шампионат.

Иако по првите 45. минути губевме со 1:0, во вториот дел преку головите на Барди и Маркоски направивме комплетен пресврт. Ова е втор триумф во овие квалификации по оној над Украина на домашен терен, и со шест бода во моментов се наоѓаме на втората позиција.

Македонија беше далеку подобар противник и доминираше во текот на целиот натпревар. Имавме четири одлични шанси за гол преку Барди, два пати се обиде Висар Муслиу, а Даниел Аврамовски ја погоди и стативата со удар со глава во 37. минута. Казната за пропуштените прилики стигна две минути пред полувремето кога Џош Доерти погоди со глава по корнер за противникот.

Во продолжението веднаш израмнивме, нововлезениот Виктор Ангелов му асистираше на Енис Барди за израмнување во 46. минута. Шанса за целосен пресврт имаше Бобан Николов во 53. минута, но неговиот удар заврши над голот. Висар Муслиу имаше и трета шанса за гол но, немаше среќа да се радува на гол. На 10. минути до крајот на дуелот, Македонија уште еднаш ја погоди стативата од голот овој пат шутираше Давид Банунски. Пресвртот го направи Кире Маркоски во 85. минута од натпреварот и донесе заслужена победа за Македонија.

Селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски не го криеше задоволството по големиот триумф против Северна Ирска во квалификациите за Европското првенство. По пауза од три години македонската младинска репрезентација триумфираше на гостински терен. Ја совладавме Северна Ирскасо 2:1.

„Честитки до фудбалерите. Уште еднаш покажаа како треба да се однесуваат сите кои го носат националниот дрес. Бевме доминантни, резултатот не го покажува тоа што реално се случуваше на теренот. Погодивме три стативи, две во првото и пречка во второто полувреме, а создадовме и три сто отстотни шанси за гол. Тоа само покажува колку квалитетно го одигравме натпреварот, иако не победивме со поголема разлика. Ме радува и горд сум на тоа што играчите извлекоа поука од првиот натпревар со Исланд. И сега примивме наивен гол по прекин и промашивме неколку шанси за водечки погодок, но за разлика од натпреварот против Исланд покажавме карактер, тргнавме уште посилно, создававме прилики за гол и на крајот ја исполнивме целта“, – изјави Благоја Милевски.

Во следното коло Македонија игра на домашен терен против Франција на 15 ноември.

На табелата води Исланд со 11 бодови, потоа следуваат Македонија и Франција со по 6, Шкотска 4, Северна Ирска 1 и Украина без бодови.