Започнуваат обуките за подобрување на конкурентноста на пазарот на труд

Со цел стимулирање на социјалната интеграција на невработените и подобрување на нивните квалификации за идно вработување општина Охрид, согласно годишната програма на Одделението за локален економски развој за 2015 година, во која се предвидени „ Активни мерки за подобрување на конкурентноста на пазарот на труд“ распиша конкурс за спроведување на бесплатни курсеви за 20 невработени лица од следниве стручни профили: заварувачи, готвачи, шивачи и машинисти-фини подесувачи на машини. Со курсевите ќе бидат опфатени по 5 лица од секоја од наведените стручни профили.

Право на пријавување за овие курсеви имаа лица кои се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување кои активно бараат работа.

Обуките за шивачи започнуваат на 15.10.2015 со почеток во 9 часот, а обуките за заварувачи и фини подесувачи на машини во 19 часот и ќе се спроведуваат од страна на ОЈУ „ Кузман Шапкарев“.

Oбуките за готвачи ќе се спроведуваат од страна на Факултетот за туризам и угостителство Охрид и ќе започнат на 29.10.2015 год.

Целта на спроведувањето на обуките е подобрување на профилот на работниот кадар, зголемување на искуството и професионалните вештини, како и полесна вработливост на граѓаните.

Изборот на стручните профили беше направен врз база на претходно спроведена анализа за побаруваните занимања во поглед на различните образовни профили и степенот на образование (вклучувајќи високообразован, технички, занаетчиски кадар и слично). Анализата беше спроведена со цел да се добијат релевантни податоци за обемот на побарувачка на работна сила, како и профилот на занимања кои се бараат во Охрид.