Центарот за развој на животни вештини Бреинобреин – Црвен крст Охрид одбележа 5 години од своето постоење

Охридските генијалчиња од Центарот за развој на животни вештини Бреинобреин-Црвен крст Охрид заедно со своите родители и инструкторите-тренери, денес, во прекрасно дружење со игра и забава го прославија 5-годишниот јубилеј, роденден на најстариот-првоотворен ваков центар во Македонија и на балканот.

Во едукатвниот Центар БОБ-Црвен крст Охрид бреинобреин програмата ја следат преку 70 деца. Со оглед на постигнатите резултати (две генерации ученици со завршено највисоко десетто ниво, бројни награди на државните и интернационални натпревари на Бреинобреин програмата, докажани, високо професионални инструктори) центарот БОБ-Црвен крст Охрид на прагот е да постане регионален центар во кој ќе се обучуваат, тренираат и подготвуваат инструктори од регионот за спроведување на БОБ програмата во останатите центри во Македонија.

Бреинобреин е светски призната и докажана едукативна програма наменета за деца од 4-14 годишна возраст кои преку најразлични вештини и техники ги стекнуваат, развиваат и потврдуваат способностите за фотографска меморија, концентрација, нумерички и вербални спсобности, способности за учење, креативност и имагинација, лидерство, самодовреба, визуелизација, решавање на проблеми. Програмата ја спроведуваат високо професионални инструктори-тренери со искуство во работа со деца, обучени според меѓународните стандарди.