Извидничка активност : „Школа за преживување во природа“

Во организација на извидничкиот одред „Пионер“ на територијата на општините Дебрца и Охрид се организираше Школа за преживување и безбеден престој во природа.

На школата практична едукација добија вкупно 12.извидници од категоријата „РОВЕРИ“ (16+) од седум извиднички одреди од Р.Македонија.

Истите преку практична работа за период од 100.часови поминати под ведро небо во исклучително променливи временски услови на потегот од с.Требеништа преку с.Скребатно па се до Охрид (патека долга околу 58.км), стекнаа вештини во препознавање и начин на избор на безбедно место за престој во природа, контрола и самоконтрола, изградба на времени живеалишта, пронаоѓање на ресурси за исхрана во природата, ориентација во густостеблеста шума како и на подрачје со голема висинска разлика. Потоа стекнаа познавање и практични вештини околу помош и самопомош при настаната повреда во дивината, препознавање на растенија, инсекти и животни безбедни за исхрана како и начини на прочистување на вода и подготовка на истата за пиење.

Школата придонесе за зближување на учесниците, размена на искуства како и за зајакнување на старите и стекнување на нови пријателства, како и за запознавање со природните богатства на овој дел од нашата Татковина и грижа за истите.

Кратката анализа, информираноста на јавноста и впечатоците по завршувањето на истата покажаа одлични резултати и широка заинтересираност за ваква едукација на поголем дел од популацијата во РМ, така што Сојузот на извидници на Македонија е веќе вклучен во планирање и проширување на оваа активност со вклучување на повеќе надворешни учесници како и меѓународниот фактор градејќи стратегија за традиционална регионална едукација.