Недвосмислена поддршка од САД – Јадранската повелба за членство на Македонија во НАТО

Министрите за одбрана на земјите-членки на САД-Јадранската повелба во заедничката изјава која ја потпишаа денеска во рамките на Сеопфатниот министерски состанок во Дубровник, Хрватска, даваат силна поддршка за што поскоро членство на Република Македонија во НАТО. Министрите во изјавата истакнаа дека интеграцијата на Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во Алијансата е од суштинско значење за стабилноста на целиот регион. Во декларацијата меѓу другото беа истакнати и постигнувањата на Македонија и Хрватска во НАТО проектот за балкански регионален пристап кон против-воздушната одбрана – БРААД, што е дел и од НАТО концептот „паметна одбрана“.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој ја предводи македонската делегација посочи дека Република Македонија посветено работи на достигнување на приоритетот за Македонија и нејзините граѓани, членството во Алијансата, како и на развојот на регионалните иницијативи.

Министерот Јолевски, во рамките на состанокот оствари одвоени средби со Евелин Фаркаш, заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД, министерот за одбрана на Хрватска, Анте Котромановиќ, како и министерот за Косовските безбедносни сили, Хаки Демоли. На средбите беа потврдени одличните билатерални одбранбени односи со земјите. Соговорниците заклучија дека регионалниот пристап во придонесот кон меѓународните мисии е уште една одлична можност регионот да покаже дека поседува исклучително развиени капацитети и способности да биде еден од клучните играчи во воспоставувањето на глобалниот мир и демократија.

Во текот на денешниот ден министерот Јолевски ќе оствари повеќе билатерални средби со министрите за одбрана на земјите од регионот на Југоисточна Европа. Сеопфатниот регионален министерски состанок продолжува и утре со состанокот на министрите за одбрана на Југоисточна Европа, во рамките на иницијативата СЕДМ.