Доистражување на локалитетот Билазора со поддршка од Министерството за култура

Министерството за култура наредната година ќе одвои поголем фонд на средства за доистражување, конзервација и реставрација на јужната партија на владетелската палата во археолошкото наоѓалиште Билазора кај светиниколското село Кнежје.

Ова го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која денеска го посети археолошкиот локалитет Билазора, посочувајќи дека само тој дел од владетелската палата останал недоистражен.

Билазора бил најголем раноантички град во петтиот и четвртиот век пред нашата ера во средиштето на Балканот и е еден од најрепрезентативните локалитети во земјава.

„Планираме поголем фонд на средства да насочиме кон активностите на локалитет, кој е еден од капиталните проекти на Владата, се со цел да се заврши истражувањето на владетелската палата и да се започне со реконструкција и конзервација“ – рече министерката за култура.

Таа им се заблагодари на градоначалникот на Свети Николе Зоран Тасев, на директорот на Музејот во Свети Николе и на професорот Драги Митревски бидејќи во изминатите години е направено многу за инфраструктурното уредување на локалитетот.

„Патот до самиот локалитет е завршен и се поставени информативни табли што е од огромна важност за овој локалитет и битно е туристичкиот потенцијал што го поседува локалитетот следната година да го ставиме во функција“ – додаде Канческа-Милевска.

Градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев, рече дека археолошкиот локалитет Билазора има голем туристички потенцијал за развојот на самата општина па токму од тие причини изминатите години Министерството направило напори, како што рече, да се доистражи овој локалитет, а веќе кон крајот на следната година и да биде достапен за посетителите, за туристите.

„Верувам дека тоа ќе значи промоција на самото Свети Николе и во меѓународни рамки бидејќи ќе биде значајно за сите посетители коишто ќе ги имаат на мапата и на картата оние значајни локалитети што треба да ги посетат, а со тоа Билазора ќе заземе значајно место“ – рече Тасев.

Археологот Драги Митревски, кој повеќе години го истражува локалитетот Билазора, посочи дека се простира на 20 хектари, а акрополниот дел е заштитен со бедемски ѕидови во кои доминира владетелската палата.

„Таа е, сепак, зачувана во фаза што ја прави да биде исклучително редок единствен споменик на културата од тоа време бидејќи ѕидовите се украсувани со фрески од петтиот и четвртиот век пред нашата ера“ – рече Митревски.

Министерката Канческа-Милевска денеска го посети и Музејот во Свети Николе каде што се депонирани, конзервирани и достапни за јавноста 1 160 археолошки предмети пронајдени на археолошкиот локалитет Билазора.

04_sv_Nikole_naslovna