Отворен Центар за дизајн и иновации „Јавна соба“

Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ од синоќа и официјално им стои на располагање на припадниците на македонската дизајнерска сцена. Станува збор за нов урбан иновативен и мултимедијален простор кој се протега на површина од 1.450 метри квадратни како место на кое во иднина ќе се генерираат мноштво креативни идеи и ќе се развиваат дизајнерски продукти во областа на креативните индустрии во Македонија.

На отворањето на Центарот присустуваа министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и амбасадорот на Холандија во Македонија Вутер Пломп.

Министерката Канческа – Милевска изрази особено задоволство што во овој простор кој некогаш му припаѓаше на Министерството за одбрана е отворен првиот Регионален центар за дизајн во делот на креативните индустрии.

Канческа -Милевска додаде дека Владата и Министерството во изминатиот период презедоа низа чекори за запознавање на јавоста и бизнис заедницата со значењето на креативните индустрии.

„Како Министерство за култура донесовме стратегија за креативните индустрии. Во изминатиот период имаше голем број на семинари и работилници на коишто беа повикани голем број странски експерти кои и дадоа силна поддршка во обучувањето и подигнувањето на свеста за креативните индустрии во РМ. Треба да бидеме горди на дизајнот што го поседуваме бидејќи македонскиот дизајн има голем потенцијал и треба да го гледаме како извозен продукт што ќе најде место и надвор од државата“, рече Канческа – Милевска.

Министерот за финансии Зоран Ставрески изрази задоволство од отворањето на ова место што беше реализирано со поддршка од Владата со цел поддршка за независните и креативни уметници.

„Ја користам можноста да ја повикам бизнис заедницата секогаш кога ќе сакаат да посетат некое алтернативно место кое се разликува од класичните бизнис сали да дојдат тука каде ќе можат да ја завршат својата работа во попријатен и понеформален амбиент. Така што за сите оние на кои што им е близу срцето уметноста, креативноста и дизајнот и кои размислуваат надвор од стереотипите да дојдат и да го посетат ова место,“ рече Ставрески.

Отворањето на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ го поздрави и холандскиот амбасадор Вутер Пломп.

„Причината поради која го поддржавме овој проект е што веруваме во македонскиот дизајн. Видов некои примери и посетив компании кои покажуваат дека македонскиот дизајн заедно со македонските производни капацитети имаат голем потенцијал и во 21. век македонскиот дизајн има многу да понуди“, рече амбасадорот Пломп.

Директорот на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ Александар Велиновски посочи дека местото е отворено за сите посетители од земјата и од странство чија цел е да се промовираат младите македонски автори.

„Доколку македонските автори успеат да се зајакнат на овој пазар полесно ќе излезат и на странските пазари. Дел од нив веќе извезуваат надвор од земјата, но поддршката од локалните пазари е многу значајна“, подвлече Велиновски.

Центарот, меѓу другото, располага со работилница наменета за изработка на базични прототипови, мини – библиотека, детска лабораторија за дизајн… Има и продажен простор со производи на македонски автори, а ќе функционира и како галериски простор.

Следната година предвидени се повеќе куси резиденции на холандски дизјанери, како и дизајнери од Македонија и регионот кои ќе работат на проекти иницирани од страна на компании. Во план е и формирање на дизајн – инкубатор.

Во просторот на Центарот „Јавна соба“ од оваа година се сели „Skopje Design Week“, која ќе се одржи од 26 до 29 ноември.