Практична обука за процедурите за вршење увид во сообраќајни несреќи

Во рамки на проектот финансиран од ЕУ – “Понатамошна институционална надградба и градење на капацитетите на полицијата во областа на граничното управување, работата на полицијата со заедницата и борбата против организираниот криминал“, што се реализираше од 26 до 30 овој месец, во Центарот за обука во Идризово се одржуваше практична обука за Процедурите за вршење увид во сообраќајни несреќи. Обуката ја спроведуваа сообраќајни полицајци од Словенија со долгогодишно практично искуство.

Покрај увид во регуларните сообраќајни несреќи кои најчесто се случуваат, програмата на обуката воедно опфаќа и процедури за увид во сообраќајни несреќи кои вклучуваат возила за пренос на опасни материјали, несреќи кои вклучуваат возила за придружба, студии на случај за фингирани сообраќајни несреќи и несреќи со бегство од местото на настанот, дигитална форензика, подготовка на извештаи за сообраќајни несреќи во согласност со најдобрите европски практики, како и практична вежба со реконструкција на сообраќајна несреќа.

Во обуката беа вклучени 31 полицаец од Секторите за внатрешни работи од Скопје, Битола, Тетово, Штип, Охрид, Велес, Струмица и Куманово, и од Секторот за сообраќајни работи и од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења.

Обуката за Процедури за вршење увид во сообраќајни несреќи ќе придонесе кон унапредување на Стандардните оперативни процедури и ќе ја подобри работата на тимовите за увид во сообраќајни несреќи. Воедно ќе ги зајакне капацитетите на сообраќајните форензичари во утврдувањето на причинско-последичните врски при сообраќајни несреќи. Соработката и комуникацијата помеѓу Одделот за вештачење и Секторот за сообраќајни работи исто така ќе бидат зајакнати.

Оваа обука е прва во серијата обуки предвидени во рамките на овој проект кои ќе се спроведуваат во текот на 2016 година, а кои ќе ги опфатат скоро сите сектори на Бирото за јавна безбедност. Инаку, проектот финансиран од ЕУ „Понатамошна институционална надградба и градење на капацитетите на полицијата во областа на граничното управување, работата на полицијата со заедницата и борбата против организираниот криминал“ обезбедува стратешка поддршка на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност со цел зголемување на оперативната ефикасност на Граничната полиција, зајакнување на капацитетите на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал за безбедно и ефикасно управување со класифицирани информации и борба против организираниот криминал, вклучувајќи го и финансискиот и комјутерскиот криминал, развивање на вештините на униформираните полицајци за ефикасно и ефективно работење, како и развој на анти-коруптивни стандарди во рамките на различните полициски гранки во Министерството за внатрешни работи.