Канческа – Милевска: Соработката со Република Италија е на високо ниво

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Рим, во рамките на службената посета на Република Италија и Ватикан, оствари билатерална средба со италијанскиот министер за култура Дарио Франческини. На средбата, министрите за култура се осврнаа на досегашната соработка во областа на културата и разговараа за идните активности со кои би се продлабочиле културните врски меѓу двете земји.

Министрите за култура оценија дека Република Македонија и Република Италија имаат одлични односи во областа на културата со размена на многубројни проекти и гостувања на македонски и на италијански уметници на манифестациите во двете земји. Во таа насока, веќе е извесно дека наскоро ќе биде потпишана и новата, четврта Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката, како и посебен Меморандум за соработка меѓу министерствата за култура на двете земји преку кој ќе се конкретизираат активностите што ќе се реализираат во наредниот период.

Министерката за култура Канческа-Милевска го изрази своето задоволство од соработката во областа на заштитата на културното наследство, како и од реализацијата на обуката која, со поддршка од УНЕСКО и од италијанската Влада, беше наменета за претставниците на македонската полиција, Царинската управа, Управата за заштита на културното наследство и на други органи во Република Македонија кои се занимаваат со проблематика на сузбивање на недозволена трговија со културното наследство.

Министерот за култура на Италија Франческини изрази подготвеност и во 2016 година експертите од Македонија да бидат вклучени во ваквиот вид обука од областа на културното наследство, но и обука од други сегменти на културата преку која стручните лица од нашата земја ќе имаат можност да разменат искуства со колегите од Италија.

Министерката за култура Канческа-Милевска на средбата информираше и за вложувањата на македонската Влада во областа на археологијата и заштитата на културното наследство и во тој контекст својот италијански колега го запозна со македонското учество на 14. издание на Медитеранската берза за археолошки туризам во Салерно, престижна меѓународна манифестација која се одржа од 29 октомври до 1 ноември.

Од своја страна, италијанскиот министер за култура се заложи во наредиот период експерти од областа на заштитата на културното наследство да ја посетат Република Македонија и да ги споделат своите искуства и знаења со своите колеги од нашата земја.

Министрите за култура го изразија своето задоволство и од соработката меѓу двете земји во областа на аудиовизуелната дејност, во чии рамки годинава беше потпишан и Договор за развој на копродукциски проекти. На средбата беше истакната и важноста на реализацијата на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони“, кој има исклучително значење за подигнувањето на свеста кај младите за филмската уметост, како и заедничкото кофинансирање на филмските проекти „Исток Запад Исток“ и „Банат“ во режија на Адријано Валерио.

Министрите за култура се договорија добрата соработка во областа на филмската дејност да продложи и во наредниот период кога ќе се обезбедат средства за нови копродукциски проекти.

Министерката Канческа-Милевска го информираше својот италијански колега и за конкурсот за странски издавачки куќи, како и за преводот на книгата „Резервен живот“ од Лидија Димковска на италијански јазик. Министерот Франческини изрази желба во наредниот период што повеќе издавачки куќи од Италија да се запознаат со оваа мерка, како и повеќе дела од македонски автори да се преведат на италијански јазик со што читателската јавност во оваа земја ќе има можност да се запознае со македонската литература.

Беше истакната и соработката во областа на ликовната дејност во чии рамки покрај многубројната размена на проекти, Република Македонија традиционално учествува на најзначајната манифестација од областа на уметноста и архитектурата, Венциското биенале.

На средбата, која помина во исклучително пријатна и срдечна атмосфера и на која присуствуваше и амбасадорот на Република Македонија во Италија Оливер Шамбевски, беше заклучено дека добрата соработка во областа на културата што ја негуваат двете земји ќе продложи и во наредниот период.

Министерката за култура Канческа–Милевска, во рамките на службената посета на Република Италија, денеска присуствуваше на церемонијата на поставување плоча во чест на св. Кирил и Методиј во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, настан кој е историски чин преку кој се потврдува почитта на нашата земја кон големите словенски просветители. Предвидено е министерката за култура утре да присуствува и на средбата на претседателот Ѓорге Иванов со италијанскиот претседател Серџо Матарела.

foto_-_3_640 foto_-_1_640 foto_-_2_640_cr