Запленети девизи, акцизни производи, автоделови, свежи печурки, семки од марихуана и фалсификати

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, цигари, домашна ракија, автоделови, пластичен кујнски прибор, разни производи и фалсификати.

Покрај тоа спречен е и еден обид за криумчарењње семки од марихуана. Задржана е следната стока:

Девизи

– 4.400 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи српски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во рачна торба на возачот се пронајдени 6.400 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата. Непријавените девизи се привремено задржани, а против прекршителот е поведена соодветна постапка.

Свежи печурки

– 110 кг. свежи печурки вргањ, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена пред влезот во Гевгелија. Претходно возилото се пријавило за влез во државата на граничниот премин Богородица, но возачот, избегнувајќи ја царинската контрола, го напуштил граничниот премин и се упратил кон Гевгелија, каде присилно бил сопрен од мобилните тимови. Печурките се пронајдени во 3 пластични гајби, 3 картонски кутии и една кеса, сместени во багажниот простор и зад предните седишта на возилото. Против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Акцизна стока

-20 штеки цигари LD RED со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Цигарите се пронајдени во картонска кутија, сместена на креветот во кабината на возилото. Против прекршителот ќе биде поведена соодветна постапка.

-21 литар домашна ракија, откриени од страна на царинските службеници од царинарница Куманово при контрола на магацинскиот простор на правно лице од Крива Паланка. Пронајдената домашна ракија била без акцизни маркички и без сертификат за квалитет, со чија продажба се доведува во опасност здравјето на граѓаните и е избегната наплата на акцизни и други давачки. Против прекршителот Царинската управа ќе поведе соодветна постапка.

Автоделови

– 56 автоделови за патнички и товарни возила (дискови, филтри, сушачи за воздух, хидраулични пумпи, филтри за масло и горивотурбини и друго) и 60 литри моторно масло, откриени при контрола на бугарски влекач со кој за излез во државата на граничниот премин Ново Село се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, сопственост на сопатникот во возилото, се пронајдени во сандаците за помошен материјал и алат на влекачот. Автоделовите се привремено задржани, а против прекршителот ќе биде поведена соодветн постапка.

Останато

– 1.390 парчиња пластичен кујнски прибор (четки, лопатки и ножеви), откриени на царинската испостава Деве Баир-отсек за стоково царинење, при контрола на стока пријавена за реекспорт од страна на компанија од Скопје. Непријавената стока била пронајдена во три картонски кутии сместени во товарниот дел на возилото. За сторениот прекршок против сторителот е поведена соодветна постапка.

– 1.675 парчиња разни производи (батерии, одвртувачи, работнички ракавици, запалки, кујнски ножеви, жица за чистење и друго), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи се пронајдени во багажниот простор на возилото. Против прекршителот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост

– 9.164 средства за лична хигиена (пасти за заби, сапуни и шампони) и 4.240 средства за чистење, со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски камион, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце. Возилото било натоварено со разни средства за одржување на хигиена со потекло од Турција, наменети за фирма увозник од Косово.

– 579 парчиња облека и обувки (јакни, блузи, капи, шалови, фармерки, тренерки, чизми, патики и чевли) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на македонски камион, натоварен со разна стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.

– 252 сетови од тоалетна вода и дезодоранс и 288 тоалетни води со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Велика Британија, наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 4.

– 13 тонери за печатари со ознака на заштитена трговска марка, откриени при контрола на брза пратка од Сингапур, пријавена за транзитна постапка на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, наменета за фирма увозник од Косово.

Во сите случаи, производите се привремено задржани поради основано сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските одредби отпочната е постапка за утврдување на нејзината оригиналност.

Семки од марихуана

Во текот на минатата недела откриен е и еден обид за нелегално внесување во државата на семки од марихуана.

На 25.10.2015 година, на скопскиот аеродром Александар Велики, за влез во државата се пријавил македонски државјанин, кој допатувал со лет од Лондон. Патникот бил селектиран за детален преглед, при што во неговата патна торба бил пронајден бел плик со натпис на фирмата White Label Seed Company од Холандија, со една опаковка со 10 семки од марихуана.

This slideshow requires JavaScript.